Австралија без поддршка за членство во Советот за безбедност
Македонија ќе гласа за Луксембург
Македонија нема да и даде поддршка на Австралија при изборот за непостојана членка на Советот за безбедност на Обединетите Нации. Ова е последицата од последниот испад на висок австралиски претставник, премиерот на Јужна Австралија, Мајк Рен, кој го обвини претседателот Иванов за крадење на грчката историја.
Македонија ќе гласа за Луксембург, објави шефот на макеоднската дипломатија, Антонио Милошоски, по посетата од неговиот луксембуршки колега Жан Аселборн.
- Македонија досега многупати го поддржала Луксембург на мултилатерално ниво, така и овој пат ќе продолжиме да ја разгледуваме оваа номинација во еден пријателски дух, изјави Милошоски.
Македонска поддршка при гласањето за новите непостојани земји-членки со двегодишен мандат побараа Австралија, Луксембург и Финска. Македонска поддршка ќе добие и Финска, која двапати добила ваква позиција, со последен мандат што завршил во 1990 година. Австралија, пак, четирипати досега била непостојана членка на Советот за безбедност.
Луксембург, Австралија, Финска се кандидати кои на крајот од оваа година очекуваат да бидат избрани да ги заменат Австрија, Јапонија, Турција, Мексико и Уганда.
Луксембург, како и Македонија, Албанија, Србија и Црна Гора, е меѓу 75-те земји-членки на ОН кои никогаш не биле избрани за непостојани членки на Советот за безбедност.
Comment