Зошто сум против?

Collapse
X
 
  • Filter
  • Time
  • Show
Clear All
new posts
  • DedoAleko
    Member
    • Jun 2009
    • 969

    Зошто сум против?

    Зошто сум против?


    Што се крие зад најавата на еврокомесарот Штефан Филе за „преговарачка рамка“ и зад сѐ понагласениот интерес на ЕУ за оваа тема?

    По дваесетгодишно искуство со спорот за името јас се надевам дека Македонија повторно нема да наседне на ново „кукавичино јајце“ (од типот на легендарното „референцата ќе трае само три месеци“)

    Ова прашање задира директно во самата дефиниција на македонската државност и на македонскиот идентитет. Македонците немаат никаков проблем со европските, регионалните и глобалните интеграции и тоа јасно го покажуваат на сите испитувања на јавното мислење. Стапките на поддршка за македонското членство во ЕУ и во НАТО се мислена именка за многу земји-кандидати (нормално, и за многу земји-членки). Притоа, нашите граѓани во многу пригоди покажаа на дело дека немаат никаков проблем да ги прифатат и да ги постигнат и најсложените барања за членство во европските и евроатлантските интеграции. Меѓутоа, во конкретниот случај Грција не бара „разумен компромис“, туку бара целосна капитулација. Кои се клучните грчки стравови околу проблемот со името? Ако го филтрираме безвредниот шум (антиквизации, споменици, читанки и слично), Грција изјавува дека Македонија имала територијални претензии кон својот јужен сосед, а во грчката колективна свест овие стравови се распламтуваат заради искуствата со загубата на територијата и населението во Мала Азија по Првата светска војна, како и траумите од грчката Граѓанска војна. Дали Македонија досега дала повод за да предизвика вакви стравови? Не. Дали некој релевантен македонски политичар некогаш излегол со изјава каде што се доведува под знак прашање границата со Грција или се бара преиспитување на воспоставените балкански граници? Не, никогаш. Кои се, пак, македонските стравови? Ние сметаме дека ова е само продолжување на грчката борба за поништување на македонскиот идентитет и со тоа и на македонската државност. За жал, за разлика од македонските политичари, грчките државници се мошне јасни дека ова е целта на нивната политика. Морам да потсетам дека актуелниот грчки премиер пред само неколку години изјави дека досегашната грчка стратегија функционира и дека ако Грците продолжат со своите притисоци за името Македонија во догледна иднина ќе се распадне и ќе престане да постои како политички чинител. По објавувањето, пак, на самиот декемвриски извештај грчките медиуми го поздравија тоа што терминот „македонски“ се однесува само на описот на нашите државни институции, но дека имало концентрирана акција на грчките политичари во европските институции да се отстрани терминот „македонски“ во сите идентитетски одредници (како пример беше даден токму „македонскиот јазик“, кој очигледно е анатема за официјална Грција). Оваа седмица, пак, видовме како дури и на грчки домашен план прашањето за употребата на македонскиот јазик како малцински јазик во Грција се проблематизира токму заради придавката македонски со која го опишуваме нашиот јазик.

    По сите овие националистички проблесоци, не знам што уште треба да се случи за да се разјаснат сите дилеми во македонската јавност дека спорот се однесува исклучиво на нашиот идентитет и дека во моментов сме сведоци како Грција се обидува да изврши етноцид со употреба на сите средства што ѝ стојат на располагање. Едно од тие средства, за жал, е и злоупотребата да европските институции.

    Затоа, ќе повторам дека јас сум првиот што ќе ги поддржи интегративните процеси, но никогаш и никако на овој начин. Македонската државност е производ на долгата борба на македонскиот народ за сувереност. Од тие причини, за македонските граѓани е неприфатливо на ваков начин, со обезличен идентитет, да се влегува во демократски клуб. Така се влегувало во некои други пактови, интернационали и слични тоталитарни творби што ја унакажаа Европа во текот на 20 век.

    Но, да се вратам на поводот за оваа реакција. Јас сум категорично против каква било арбитражна, медијаторска, олеснувачка или каква било друга улога на ЕУ во врска со прашањето за името. Европската Унија, во својата актуелна форма, е суштество кое што е целосна креација на земјите-членки и тие имаат комплетна контрола на сите процеси во Унијата. Грција, како и сите останати земји-членки, е целосно вклучена во сите нешта, од самата идеја за отпочнување на некој проект, преку секоја фаза на негово дефинирање, буџетирање и усвојување, па се до самата имплементација на која било политика, правна норма или одлука од која било сфера. Оттука, ЕУ не е способна да служи како независен медијатор или олеснувач во некакви идни разговори за името. Замислете еден судир помеѓу мене и некоја друга личност каде што арбитражната комисија која што треба да го реши судирот се состои од мајка ми, ќерка ми и од мене самиот. Зарем во една ваква ситуација ќе биде можно за мојот противник објективно да си ги брани интересите и да го изнесе својот случај? Ете, сосема исто би функционирала некаква европска арбитража за надминувањето на грчкиот проблем со името. Затоа, не доаѓа предвид компромисот за името да биде услов за отворање преговори, Македонија да се обврзе дека ќе го реши спорот „во рана фаза на преговорите“ или да прифатиме некаква европска преговарачка рамка, со услови и рокови за решавање на спорот за името.

    Минатата година се појави и грчкиот меморандум кој, по обичај, беше дури и поздравен во неколку маргинални македонски кругови. Овој документ не е ништо друго, освен еден обид за рециклирање на досегашните грчки тези во едно ново пакување, од една страна, како и „смоквин лист“ пред меѓународната заедница дека Грција прави нешто за надминување на спорот. Ме радува тоа што македонската држава не се истрча со некакви нагли адреналински реакции на овој безвреден меморандум, туку одговорно подготви контрамеморандум каде што беа цврсто изнесени нашите консензуални ставови. За разлика од грчкиот меморандум, нашиот зад себе ја има и целата сила на меѓународното право, потврдено со правно важечка одлука на Меѓународниот суд на правдата. Што се промени во динамиката за прашањето за името по размената на меморандумите? Апсолутно ништо.
    Актуелната грчка политика не е подготвена да се соочи со македонската државност, а уште помалку, пак, е подготвена да го прифати постоењето на македонскиот идентитет, па се додека овој критичен факт не биде променет, нема да има никакво поместување во прашањето за името.

    Од овие причини треба да се подготвуваме за долга и исцрпувачка борба. Државноста на нашата држава зависи исклучиво од волјата на граѓаните на Република Македонија, а тоа македонските граѓани го заклучија уште на осми септември 1991 година. Така што, Македонија ќе опстои како држава без разлика каков ќе биде нашиот статус во однос на ЕУ и без разлика дали и кога ќе влеземе во Унијата. За оние што велат дека нема да можеме да издржиме, би било убаво да бидат потсетени со кого Ирска се бореше за својата државност. Ирците имаа смелост да се соочат со тогашниот глобален хегемон – Обединетото Кралство – и да се изборат за својата држава. Македонија се соочува со далеку поскромни противници во моментот. Затоа, Македонија треба внимателно да чекори и не смее да си дозволи нејзините национални црвени линии да бидат загрозени заради некакви ситни тактички помрднувања кои и онака не се значајни во светло на стратегиските македонски интереси. Јас не знам кога ќе се реши проблемот со името, но знам дека еден ден македонскиот јазик ќе биде еден од службените јазици на Европската Унија. Сѐ до моментот додека Грција и ЕУ не ја прифатат оваа реалност (македонската државност и македонскиот идентитет) „македонското прашање“ останува една грда лузна на лицето на актуелниот добитник на Нобелова награда за мир.

    Автор: Ивица Боцевски

    izvor: http://novamakedonija.com.mk/NewsDet...tIzdanie=22800
  • Gocka
    Senior Member
    • Dec 2012
    • 2306

    #2
    Se soglasuvam skoro celosno. Naj bitno e Makedoncite da ne se odkazvat i da ne go prodaet nasiot identitet kolku da vlezime vo naj noviot klub vo Evropa. Evropskata unia kako so gledam ne odit daleku nie do prva se borevme za nasiot identitet i drzava pa mozime i uste po nataka. Cim mozeja vojvodite da se boret do smrt i nie mojme de se borime i da e pretrpime ova moderna taga so ne e ni sporedliva so to so trebele nasite pra dedovci da trpet. Nasevo denes e lesno i zato trebit da sme srekni deka barem denes mojme da si go branime naseto bez potreba za krv da padnit. Zalno e vistina, vo Makedonija nikoj ne ne kolit, nikoj ne ne brkat, i pak imame kukavici so saket da se odkazet i da se predajet na grcite. Zosto za so? So gi terat nekoj vo Makedonija da se tolku slabi? So mu e evropa tolku atraktivna so mu vredit pojke nego nivniot identit? Ne razbiram i mozit nemat nikogas da razberam, izgleda nekoj se vrodeni kukavici i nemojs da gi smenis.

    Comment

    Working...
    X