
СПИКЕРОТ НА СОБИР ВО АУШВИЦ СО СТАРОТО МАКЕДОНСКО ЗНАМЕ
Домаќините го пречекаа Вељаноски со Вергина
Спикерот Вељаноски на конференцијата во Краков, по повод 65 - годишнината од ослободувањето на концентрациониот логор Аушвиц, во алманахот на учесниците е со сонцето од Вергина, наместо со државното знаме
Македонија со Законот за денационализација и го врати целокупниот имот на еврејската заедница која го имала уште пред Втората светска војна, како и имотите на нашите сограѓани Евреи, кои беа ликвидирани во Треблинка, а немаат правни наследници, рече претседателот на Собранието на Македонија Трајко Вељаноски на симпозиумот "Светот по холокаустот" на Меѓународната конференција во Краков, Полска, по повод 65 - годишнината од ослободувањето на концентрациониот логор Аушвиц.
"Денес во Скопје во завршна фаза е изградбата на Меморијалниот центар посветен на холокаустот на Евреите од Македонија. Тоа ќе биде и центар каде што преку најразлични активности ќе се промовира мултиетничкиот и мултикултурниот живот во Македонија и ќе се промовираат заедништвото, толеранцијата и дијалогот, не само меѓу граѓаните на Македонија, туку и во целиот регион", потенцирал спикерот Вељаноски. Тој во Полска е на покана од организацијата Европски пријатели на Израел.
Спикерот Вељаноски на конференцијата, во алманахот на учесниците е претставен како претседател на Собранието на Република Македонија, но наместо официјалното знаме е ставено старото знаме со сонцето од Вергина.
Ниту Вељаноски ниту грчките учесници не реагирале за сонцето од Вергина.
Македонија во август 1992 година го усвои 16-кракото сонце од Вергина како симбол на државното знаме, како реакција на јунската Лисабонска декларација кога ЕУ донесе одлука со која рече дека никогаш нема да признае независност на држава во која го има зборот Македонија.
Во 1995 година Македонија го смени државното знаме и го исфрли сонцето од Вергина. (Г. Т.)





Comment