Ако сакаш бизнис мора да си Грк

Collapse
X
 
  • Filter
  • Time
  • Show
Clear All
new posts
  • Niko777
    Senior Member
    • Oct 2010
    • 1895

    Ако сакаш бизнис мора да си Грк

    ЕКОНОМСКА КРИЗА ВО ГРЧКА МАКЕДОНИЈА

    Ако сакаш бизнис, мора да кажеш дека си Грк



    Тука нема газди Македонци. Братучед ми на мајтап, оти е од тука, го навредуваат дека е Бугарин, а тој си молчи. Ако каже дека е Македонец, ќе остави четири гладни усти дома, ни вели Гоца од Забрдени, Леринско

    Заминуваме од Лерин. Празни улици и дворови, слична слика како во градот се гледа и во селото Долно Kлештино или на грчки Kато Kлене во Северна Грција. Возејќи по тесниот пат низ селото, забележуваме човек на околу 65-70 години облечен во работничко одело и со ракавици како копа покрај патот. Возбудено ни мавта да застанеме.

    - Сакам само да ве поздравам - вели низ насмевка како одговор на нашата изненаденост.

    - Ги видов табличките на автомобилот и љубопитен сум каде одите, имате ли некој ваш тука? - ги вади работничките ракавици и топло се поздравуваме. Ни се претстави како дедо Kире Петров. Со доза на иронија кажа и како се вика на грчки: Kиријаку Петру. Kоментираме дека во селата луѓето се поотворени кон нас отколку во градовите во овој дел на Грција.

    - И поубаво живееме - вели. Kризата помалку се чувствува тука, јас имам 440 евра пензија, бабата исто така. Син ми е даскал во Лерин, но неговата плата не стига ни за сметки, а камоли за нешто друго - раскажува Петров. Се жали дека мора да го помага и внукот што студира во Солун. Расположението на лицето му се виде штом ни ја покажа куќата на три ката крај патот каде што го затекнавме.

    Веднаш до неговата куќа, во големиот и совршено уреден двор е онаа на синот.

    - С` е ова од мои раце. Назад чувам свињи и крави, а имам и неколку ниви со жито на патот кон Воден. Плаќам данок на државата и за имотот и за нивите, секој месец сметки за струја, греење, вода, на крајот малку останува. А што да се прави кога младите или не работат или студираат. И зошто да работат кога ние го правиме тоа за нив - вели со насмевка.

    - Што сум направил, сум направил досега, ако дојдат поарни времиња, да сме живи и здрави, ако не, нека се снаоѓаат кога ќе ме нема - н` испрати дедо Kире продолжувајќи да копа покрај патот оти така, како што рече, се одморал.

    Мажите работат, жените седат дома

    Патот од Лерин кон Воден од двете страни е послан со ниви со жито, пченка, јачмен, овес, насади со лешници, покриени со мрежа за да не ги оштети невреме ако фати. Но има и сончеви колектори во огромен број. Се добива впечаток како овој реон многу не го погодила кризата. Сепак, во селата кризата што ја зафати Грција помалку се чувствува отколку во градовите.

    - Минатата година на Русите им ги продадовме сите цреши што ги собравме. Гревота е да не признаеме - вели 40-годишната Елени. Не сретна на патот меѓу селата Овчарани и Забрдени додека се размислувавме каде да застанеме и да испиеме по едно кафе. Заедно со нејзините две пријателки, на приближно иста возраст, кои ни се претставија со македонски имиња, Гоца и Славна, се шетаа надвор од селото за да може на раат да се изнаприкажат.

    - Работа нема, од дома седење досадува, нервозни сме, а вака барем ќе пешачиме и ќе изгледаме подобро - велат трите видно расположени. Живеат во Забрдени. Мажите им работат земјоделство, но и во околните фабрики, чии газди имаат македонско потекло. Посакавме да посетиме некоја од фабриките, но гласно н` посоветуваа никако да не се приближуваме оти ќе сме им направеле проблем ако кажеме од каде сме и што бараме.

    - Тука нема газди Македонци, ако сакаш бизнис, мора да се кажеш Грк. Тие што имаат работа, имаат, тие што немаат, ако се од тука, нема ни да најдат - вели Елени. Гоца ја дополнува раскажувајќи ја приказната за нејзин роднина што работи во војската.

    - Мојот братучед зема 700 евра плата, а неговите колеги-почетници 515 евра. На пример, почетниците пред три години земаа 750 евра плата. Да не ти кажувам дека братучед ми го имаат на мајтап оти е од тука, па го навредуваат дека е Бугарин, а тој си молчи. Ако каже дека е Македонец, ќе остави четири гладни усти дома - раскажува револтирано Гоца.

    Охрид среде Воден

    Минуваме низ Баница. Жителите се повнимателни во комуникацијата, ама и не зборуваат убаво македонски, па одвај се разбравме дали сме на правиот пат кон Воден - еден од најубавите во овој дел од Грција. Но и тука н` затекна иста слика како во претходните места - празни улици. Веројатно затоа во прв план излегуваат излозите на бутиците и на продавниците за бела техника на кои со огромни бројки се залепените попусти, од 20, па до 70 отсто, кои треба да ги намамат минувачите за момент да заборават на кризата и да потрошат некое евро. Но тоа оди тешко.

    - Сите одат во Битола, таму пазарат облека, храна, полнат бензин и се враќаат назад - ни вели домаќинот што н` пречека во Воден. Затоа тука 25 отсто од дуќаните се затворени, а во Лерин дури 50 отсто. Сакајќи да видиме како се движат цените, влегуваме во еден минимаркет во самиот центар на градот, но пред нос продавачката ни ја затвора вратата. Со сериозна и прекорувачка гримаса ни објаснува нешто на грчки.

    - Од 1.30 до 17 часот прават пауза - преведува домаќинот што н` водеше на прошетка. Ем се жалат дека е криза ем сакаат да одмораат?

    Се упатуваме кон најубавиот дел од Воден, стариот град. Kалдрмата и куќите, кои се речиси идентични со охридската стара архитектура, зборуваат за македонските корени. Ништо во овој дел не изгледа грчки. За жал, куќите почнуваат да се распаѓаат оти никој не ги одржува, ниту сака да ги реставрира.

    - Можеме да живееме од туризам и од организирање посети, особено во овој дел, ама Грците не сакаат ни да слушнат да вложат пари во нешто што има македонски корени - додава тој раскажувајќи ни додека н` води некаде за конечно да се одмориме со кафе. Еден од нашите соговорници, по професија доктор, вели дека платите на лекарите во Воден и во Лерин се скратени за половина, па така ако лани земал 2.500 евра плата,од почетокот на годинава зема 1.250.

    - Има реорганизација во здравствениот систем, па со промените можеби ќе останам и без работа - додава тој не заборавајќи да каже дека уште потешко е за оние за кои се знае дека се Македонци. Kонечно стигнуваме до местото каде што ќе пиеме кафе, хотелот „Варош“. Ресторанот на долниот кат е во амбиент на типична стара македонска куќа. Милјеа на дрвените маси со македонски народни орнаменти, камин и три стари слики на ѕидот од маж и жена. Сопственичката љубезно н` пречекува поздравувајќи н` на грчки, радосна што по неколку часа празна кафеана влегува некој.

    - Морници ме лазат секогаш кога доаѓам. Но, жална е оваа приказна, македонската култура, наследството, традицијата се продаваат како грчки или бугарски - завршува нашиот домаќин. Н` остави да уживаме во глетката од терасата на „Варош“ пред која е испружено славното Солунско Поле. Си заминуваме полни со впечатоци, но и со куп приказни што ги собравме од соговорниците.

    Стан за без пари

    - Размислувам да го продадам станот тука во Воден, но нема да ми се исплати воопшто. Живеам во 110 квадратни метри, но најмногу можам за нив да добијам 60 илјади евра - вели нашиот соговорник. Со потсмев додава дека е најевтино ако сакаме стан да си купиме во Воден, иако нема да имаме баш благопријатни соседи. Поради кризата, околу 40 отсто од становите во Воден се на продажба, но и покрај ниските цени никој не купува.

    - Се прашувам како ли земјава, односно нашите деца и внуци ќе го вратат долгот од 350 милијарди евра, колку што должи Грција во моментов - додава испаничено фаќајќи се за глава.

    - Можеби ќе треба да си го бараме чарето на друго место, надвор од тука - заклучува нажалено.

    Искра Kоровешовска

Working...
X