Macedonian Catholic League requested independence of Macedonia

Collapse
X
 
  • Filter
  • Time
  • Show
Clear All
new posts
  • Carlin
    Senior Member
    • Dec 2011
    • 3332

    Macedonian Catholic League requested independence of Macedonia

    Македонската католичка лига барала независност на Македонија

    URL:
    Ексклузивни документи за македонските католици Пишува: Блаже Миневски Во август 1922 година, осум месеци по формирањето, Македонската католичка лига го привлекла вниманието на британскиот дипломатски претставник во Бугарија, Вилијам Ерскин, кој со две телеграми ги информира британското министерство за надворешни работи и британската амбасада во Константинопол за новата организација што имала „македонски предзнак“. Според британскиот […]


    Ексклузивни документи за македонските католици

    Пишува: Блаже Миневски

    Во август 1922 година, осум месеци по формирањето, Македонската католичка лига го привлекла вниманието на британскиот дипломатски претставник во Бугарија, Вилијам Ерскин, кој со две телеграми ги информира британското министерство за надворешни работи и британската амбасада во Константинопол за новата организација што имала „македонски предзнак“. Според британскиот дипломат Ерскин, „предмет на интeрес на оваа лига е да ги привлече симпатиите и интересот на католиците од Европа кон каузата за создавање независна македонска држава во нејзините географски и економски граници“, со јасен идеал за „воспоставување мир на Балканскиот Полуостров“.

    Католичкиот свет да се привлече кон македонската кауза!

    Македонската католичка лига била формирана кон крајот на 1921 година во Софија, а на основачкото собрание присуствувале 40 луѓе што имале статус членови-основачи. Меѓу основачите биле седум унијатски свештеници од Македонија, кои имале статус на бегалци во Бугарија, единаесетмина работници, девет занаетчии, двајца печатари, осум чиновници, двајца пензионери и еден трговец.

    Повеќемина од нив биле жители на Софија, шестмина биле жители на други градови во Бугарија, а еден бил жител на Цариград. Главни иницијатори и основачи биле Јероним Стамов, Трпко Јорганџиев, Димитар Капсаров, Тимотеј Јанев, Иван Чикичев, Неделко Стојчев и Иван Николов, унијатските свештеници што служеле во Македонија до крајот на Првата светска војна. Веднаш по формирањето, односно на 26 јануари 1922 година, раководството на Лигата испратило барање до претседателите на Извршниот комитет на Сојузот на македонските братства во Бугарија и на Македонската емигрантска федеративна организација. Со документот се барало да биде дозволено Лигата да стане член на Сојузот поради фактот што „претставува една оформена целина и по ништо не се разликува од другите друштва и братства, освен по големиот број врски со организираниот католички свет на Запад, чија морална поткрепа никој друг освен Лигата не би можел да ја привлече кон македонската кауза“. Кон крајот на тој допис се наведени имињата на Јордан Димитров, Младен Николов и Илија Танев, за кои било побарано да бидат ставени во списокот на делегати за претстојниот конгрес на Сојузот како претставници на Лигата на македонските католици“, вели проф. д-р Теон Џинго од Институтот за национална историја во Скопје.

    Во две телеграми од 7 и 29 август 1922 година, британскиот дипломатски претставник во Бугарија, Вилијам Ерскин, кој на таа позиција бил од 1921 и 1928 година, информира дека „сите Македонци, без разлика на раса и јазик, кои се членови на Католичката црква можат да се сметаат и како членови на Католичката лига“. Британскиот дипломат ја изнел претпоставката дека е можно главниот фокус на дејствување на членовите на Лигата да биде насочен кон Франција поради нејзината специфична позиција што ја ужива како заштитник на католичките верници на Блискиот Исток, притоа истакнувајќи го фактот дека „предметот на интерес на оваа Лига е да ги привлече симпатиите и интересот на католиците од Европа кон каузата за создавање независна федеративна држава во нејзините „географски и економски граници“. Создавањето на оваа држава треба да биде првиот чекор кон федерација на сите балкански земји (вклучувајќи ја и Македонија), со јасен идеал – воспоставување мир на Балканскиот Полуостров и повторно воспоставување услови што би биле блиски со учењата на Христа“.

    По добивањето на втората телеграма, онаа од 29 август 1922 година, дипломатскиот претставник на Велика Британија во Цариград, Харас Рамболд, веднаш праќа депеша во Форин офис, адресирана до Секретарот за надворешни работи, маркизот Курзон од Кедлестон, со наслов: „Целите на Лигата на македонските католици“. Во текстот навел дека, според сознанијата до кои стигнал преку таен извор, „предмет на интерес на оваа Лига било да работи за независност на Македонија со сите легални средства“. На општото собрание, одржано на 26 ноември 1922 година, за потребите на Лигата на македонските католици бил создаден проект-устав, документ врз кој требало да бидат базирани заложбите на тројцата делегати на Лигата на претстојниот конгрес на Извршниот комитет на Сојузот на македонските братства и на Федеративниот комитет на Македонската федеративна емигрантска организација. Според замислата на нејзините раководители, Лигата требало да дејствува на духовно-религиозна, културно-просветна, социјално-добротворна и национално-патриотска основа, но акцентот бил ставен врз политичкото дејствување. Покрај основната причина за постоење – создавањето независна македонска држава со помош на католичкиот свет, наведена во дописот од британскиот дипломатски претставник во Турција, преостанатите цели на Лигата биле да ја проучува Македонија од географски, историски и економски аспект, да се обединат и едуцираат македонските унијати на духовен и политички план, да го проповеда и заштитува христијанското учење, да им помага на своите членови.

    „Да живее слободна и независна Македонија!“

    Првиот документ што произлегол од дејствувањето на Лигата на македонските католици претставувал апел на француски јазик, кој бил испратен до голем број католички весници, политички партии, разни здруженија и истакнати личности во светот во кој биле наведени страдањата на населението во вардарскиот и егејскиот дел на Македонија, и се барало овозможување на бегалците да се вратат во своите домови, како и остварување на правото за црковна и образовна слобода. Лигата на македонските католици располагала со сопствен печат, кој имал тркалезна форма, во средината доминирал крст; над крстот во полукружна форма било испишано „Македонска католическа лига“, а под крстот „клон“ и името на градот „Софија“. На 5 октомври 1924 година во црквата „Успение Богородично“ во Софија било осветено знамето на Лигата, кое на средината имало голем крст, кој се наоѓал помеѓу две маслинови гранки, а над него било испишано името на организацијата. Поради фактот што постоел софиски клон на Лигата, логично е да се заклучи дека постоеле и други експозитури на таа организација, но фактички тие никогаш не биле создадени. Во текот на своето дејствување, Лигата била раководена од нејзиниот софиски клон, кој претставувал централен комитет. Лигата имала и сопствен меморандум, врз кој ги испраќала сите официјални дописи.

    Во усвојувањето на документите од Конгресот на македонските емигранти од 1924 година активно учествувале и претставници од македонската католичката лига. Конгресот испратил повик до сите Македонци за сплотување околу идејата за „слободна и самоуправувана Македонија“ во кој меѓу другото се вели: „Минатото ни даде поука на сите нам дека само лозунгот Македонија на Македонците, кој е прифатен од воинственото население во самата земја во борбата против бесчовечкото угнетување од освојувачите, ќе нѐ изведе на брегот на спасот. Силата е во обединувањето. Да живее слободна и независна Македонија“. Во истиот тој период раководството на Македонската католичка лига, преку Викентиј Пеев, апостолскиот намесник на Софиско-пловдивската епархија, испратило писмо до папата Пиј Единаесетти во кое се барало финансиска помош за македонските бегалци во Бугарија. Папата одговорил потврдно испраќајќи помош во висина од 500.000 лева за таа намена. На 8 февруари 1925 година било свикано вонредно собрание на Лигата на македонските католици, на кое основната задача била да се истакне добротворниот карактер на Лигата, со единствена цел – да се спречат евентуалните политички и револуционерни ангажмани и индоктринации на организацијата. Бил изработен нов печат на Лигата, нејзиното име било променето во „Македонска католичка благотворителна лига“, а бил изработен и нов устав, кој се состоел од 32 члена и кој бил во сила до престанокот на нејзиното дејствување. Според уставот, член на Лигата можел да биде единствено човек што имал католичка вероисповед и бил роден во Македонија или, пак, бил во брачна заедница со македонски унијат. Во третиот член, како една од главните причини за постоење на Лигата, била наведена и обврската да ги групира и сплотува емигрантите и бегалците католици од Македонија што живееле во Бугарија, како и да ги помага и подобрува тешките услови на крајно бедните и без работа свои членови. Раководството на Лигата пронашло добар сојузник во апостолскиот претставник на Ватикан во Бугарија, Анџело Ронкали, кој ја извршувал таа функција во периодот помеѓу 1925 и 1934 година. Ронкали, кој бил особено добро запознаен со македонското прашање поради фактот што негов личен секретар во периодот додека престојувал во Бугарија бил Методиј Устичков, унијатски свештеник од Штип, од Лигата добил специјален повик, кој бил упатен до италијанската јавност, во кој била наведена тешката состојба во која се наоѓале бегалците од Македонија. Тој повик бил публикуван во низа италијански весници. Во 1926 година Јероним Стамов бил испратен во Италија за да ги запознае тамошните власти со состојбите во Македонија и положбата на македонското бегалско население во Бугарија. Стамов престојувал во Милано и честопати држел јавни собири на кои ја изнесувал положбата во Македонија. Во италијанските весници „Еко до Бергамо“ и „Ил ситадино ди Бреша“ биле објавени статии за македонското прашање, во кои основната движечка сила бил лозунгот „Македонија на Македонците“.

    Средба со папата Пиј Единаесетти во Ватикан

    Во почетокот на 1931 година, петчлена делегација, во чиј состав влегол и Јероним Стамов, како претставник на унијатите од Македонија, заминала во Ватикан, каде што се сретнала со папата Пиј Единаесетти. По средбата на која папата бил запознаен со проблемите со кои се соочуваат Македонците, Стамов заминал во Париз, каде што била одржана средба со кардиналот Жак Верне, во Лондон со кентберискиот архиепископ, додека во Берлин имал средба со претставништвото на протестантските цркви. Потрагата по сојузници придонела Стамов да ја напушти дотогашната практика на интензивни контакти исклучиво со Католичката црква во Ватикан и да одржи средби со претставници на протестантите и на Англиканската црква, кои имале специфични релации со папската држава.

    „Државниот удар од 19 мај 1934 година, кој ја окончал дејноста на ВМРО, претставувал силен удар и за легалните македонски организации во Бугарија. И Лигата на македонските католици била на удар по тој политички земјотрес. Нејзините активности биле сведени на минимум, а членовите на Лигата често биле надгледувани од страна на бугарските полициски претставници. Јероним Стамов бил ставен под посебен полициски надзор. Последниот глас на Лигата на македонските католици се слушнал на 21 јануари 1945 година, кога во Бугарија веќе била воспоставена отеченофронтовската власт. Имено, на тој датум ветераните на Лигата во црквата „Успение Богородично“ во Софија ја возобновиле Македонската католичка лига и првпат го избрале Јероним Стамов за нејзин претседател, иако тој целиот живот ѝ го посветил на таа организација. Лигата постоела до 1947 година, кога, по потпишувањето на Мировниот договор во Париз, бугарските власти целосно се насочиле кон Советскиот Сојуз, па на постоењето на организација со верски предзнак гледале како закана за државниот поредок. Во тој период членовите на Лигата биле подложени на разни ограничувања, притисоци и репресии. Нејзиниот најистакнат член Јероним Стамов починал на 15 јануари 1949 година во Меѓународната католичка болница во Пловдив“, вели проф. д-р Теон Џинго од Институтот за национална историја во Скопје.
  • Liberator of Makedonija
    Senior Member
    • Apr 2014
    • 1595

    #2
    Translation?
    I know of two tragic histories in the world- that of Ireland, and that of Macedonia. Both of them have been deprived and tormented.

    Comment

    • Carlin
      Senior Member
      • Dec 2011
      • 3332

      #3
      Sorry, it might take some time. Did you try Google Translate?

      Comment

      Working...
      X