Aleksandar Dinevski - Denovi na iskusenie
Aleksandar Dinevski - Denovi na iskusenie
Денови на искушение - мојот конечен став за прашањето за името
by Aleksandar Dinevski on Wednesday, May 4, 2011
ДЕНОВИ НА ИСКУШЕНИЕ
Во историскиот од и битисување на секој народ честопати наидуваат тешки и судбоносни моменти на преиспитување, моменти кога треба да се донесе Одлука од која најдиректно зависи судбината и иднината на народот и државата, моменти на искушение и неизвесност. Тоа се моменти кога доаѓаат до полн израз есенцијалните тежненија и стремежи на народот, неговиот интелектуален и историски капацитет и подготвеноста да се соочи со предизвикот и да изнајде вистински одговор кој ќе ги трасира патиштата за неговиот натамошен развој и просперитет.
Во исто време тоа се моменти во кои на дело се тестира способноста, визионерството и дораснатоста на политичките лидери на кои народот им ја доверил својата судбина и иднина да го водат напред, да ги акцептираат неговите вистински интереси и изнајдат решенија за нивна реализација. Кај секој народ постојат различни струења, движења, идеи… Големите лидери станале „големи’’ токму тогаш кога успеале сите тие различни струења да ги обединат во јасна мисла и свесна акција која е доволно силна и величенствена да ги надрасне разликите и постигне национално единство на сите политички субјекти.
Во нашата бурна историја, македонскиот народ честопати наидувал на вакви судбински моменти во кои многу јасно ги промовирал своите легитимни и оправдани интереси, цели и стремежи. За жал Македонија немаше многу среќа со своите водачи, дури и во оние ретки моменти на радост и успех радоста беше поматена со катастрофални одлуки на раководствата кои ни наметнаа нови жртви и отворија рани кои сеуште печат и болат. Сите наши лидери од Колишевски, преку Киро Глигоров, Бранко Црвенковски, Љубчо Георгиевски, Борис Трајковски, Владо Бучковски и оние до нив неспомнати, па се’ до актуелното водство на земјата, покажаа дека не беа дораснати на историскиот миг донесувајки погрешни одлуки кои предизвикаа трајни и непоправливо штетни последици за иднината на Македонија и македонскиот народ.
Стекнавме слобода на еден дел од својата територија препуштајки ги останатите два дела на геноцид и асимилација на Грција и Бугарија („на Срем не на Солун!“), стекнавме независност со југословенска опашка која сеуште се влече по нас („со право да…“), станавме членка на ООН со променето име, знаме и Устав, со анахрон спор за името кој сеуште трае, ја изгубивме војната во 2001 година и ја редефиниравме државата во Рамковна, не призна најмоќната држава во светот, а ние ги удривме темелите на федерализација како најава за идната поделба на државата… Никогаш асолно не се израдувавме на татковината!
Денес македонскиот народ повторно стои исправен пред ново искушение – влез во НАТО и Европската унија по цена на најсветото што го има: ИМЕТО МАКЕДОНИЈА!
Пред нас наидуваат тешки денови на искушение и темни облаци повторно надвиснаа над Македонија, денови во кои земјата е оставена на ветрометина, а нејзините водачи со неподнослива леснотија тргнале по патот на предавството. Просто е застрашувачки и загрижувачки несериозниот и неодговорниот пристап и на власта и на опозицијата кон ова суштествено прашање од кое зависи судбината и иднината на целиот народ. Со блажено незнаење, наивна простодушност или отворено квинслинштво мнозина поитаа да го поздрават најновиот предлог на медијаторот Нимиц како „шанса која не смее да се пропушти“, како излез од тунелот во кој две децении живурка цел еден народ чиј удел во светската историја, култура и наука е немерлив.
Да, драги мои веќе е сосема извесно дека работите стануваат кристално јасни и сигурни:
1. Патот на Македонија кон Европа и НАТО води преку „разумниот компромис“ со Атина, односно промена на вековното име на земјата и
2. нашите политички лидери и од власта и од опозицијата тргнале по тој пат на предавството.
По најновите изјави на Баросо, Солана, Фуере, Папандреу, па и на премиерот Груевски, „Денот Д“ за нас (спред некои изјави 7 Декември) експресно наближува. На преговарачката маса веќе се наоѓа планот кој е во оптeк подолго време и за кој повеќе е од очигледно тајно се преговара меѓу двете страни. Тоа е познатиот грчко-американски план за решавање на спорот усогласен на дводневната средба помеѓу државниот секретар на САД Кондолиза Рајс и грчката министерка за надворешни работи Дора Бакојани, а кој во себе ги содржи следните точки:
1. Македонија го менува своето уставно име Република Македонија во Република Северна Македонија;
2. Македонија добива транзиционен (преоден) период за промена на Уставот и регистрација во меѓународните и мултилатерални институции;
3. Македонија добива покана за НАТО и ЕУ;
4. На двете страни им се дозволува да ја користат придавката „македонски“ во комерцијални и некомерцијални цели;
5. Двете страни се откажуваат од било какви територијални претензии.
Еве го пред нас „разумниот компромис“ со кој дефинитивно ќе се затвори дводеценискиот спор во кој не турна „мудриот“ претседател Киро Глигоров чии трагични последици допрва ќе ги почувствуваме.
Историјатот на настанувањето на спорот е познат како и ставовите на двете спротивставени страни кои во изминатиот долг период суштински не се променети и покрај одредени навидум приближувања кои се чини уште повеќе го искомплицираа и со тоа придонесоа за фактичка неможност од негово решавање.
Анализата на пристапот на Република Македонија во овој спор (без оглед на тоа која опција беше владејачка) неминовно упатува на неколку битни карактеристики кои се провлекуваа во сите досегашни активности насочени кон негово решавање и тоа:
1) Потценувачки однос кон ова прашање од страна на македонските власти.
Уште од моментот на неговото настанување сите македонски политичари речиси без исклучок имаа потценувачки и симплифициран однос кон овој проблем. На овој начин македонската јавност долго време беше држена во заблуда за дневнополитички и теснопартиски интереси на сите досегашни владејачки гарнитури. Списокот на таквите заблуди е долг: меѓу Македонија и Грција се водат разговори а не преговори околу разликите за името на државата; спорот ни е наметнат и билатерален; времето работи за нас; симпатиите на меѓународната заедница се на наша страна; со додавање на придавка (или додавка) на сегашното име Република Македонија не се менува идентитетот на нацијата; со прифаќањето на „симпатичниот“ предлог Северна Македонија се става крај на проблемот и започнува период на просперитет на Македонија; со прифаќање на решение за надворешна употреба Македонија ќе го сочува уставното име и нема потреба од менување на Уставот; со решавањето на проблемот Македонија влегува во НАТО и ЕУ и се стекнува со силна позиција за одбрана на идентитетот… Досегашната пракса и искуство од решавањето на овој спор недвосмислено покажаа дека: водиме преговори а не разговори, спорот сами си го наметнавме и веќе е интернационален, времето работеше за Грција а не за нас, во меѓународните односи нема симпатии туку само интереси, националниот идентитет е секогаш поврзан со името на државата и според меѓународното право, членството во овие меѓународни (времени!) организации никогаш не е ниту може да биде сатисфакција за ваквиот чин!
2) Непостоење на национален консензус и државна стратегија за решавање на спорот
Како последица на ваквиот приод, македонските власти досега не успееја да изградат поцврст и единствен национален став и консензус на политичките субјекти ниту пак да оформат државна стратегија за решавање на спорот. Последниот неуспешен обид на пратеникот Андов во Собранието да се усвои таква стратегија повеќе имаше карактер на политички маркетинг отколку на сериозен обид навистина да се изгради сериозна стратегија и тактика за излез од ваквата неповолна ситуација.
Отсуството на стратегија истовремено значешe и отсуство на реална и објективна оценка на карактерот и тежината на спорот, проценка за можниот развој на настаните, утврдување на приоритетите, тактиката за настапување во преговорите, обезбедување поддршка од релевантните меѓународни фактори и конечно – визија за негово надминување. За сите досегашни владејачки гарнитури прашањето имаше третман на „нужно зло“ кое максимално треба да се избегнува и пролонгира неговото затворање поради теснопартиски или лични интереси.
Со ваквиот дефанзивен, необмислен и неорганизиран пристап Македонија не успеа да создаде поволна меѓународна позиција во одбрана на своите легитимни права и обезбеди вистински и долгорочен стратешки партнер на меѓународен план, а со погрешната политика на сегашната владејачка гарнитура ги изгуби поранешните (пред се’ САД и Германија) или пак истите беа неутрализирани (Република Турција). Трагикомично и со неверување ги примавме вестите – Дора во Лондон – Антонио во Могорче, Дора во Вашингтон – Антонио во Подареш, Дора во Анкара – Антонио во Кичево… Ние споменици, Грција лобисти!
Сите досегашни позитивни резултати на овој план како што се признавањето под уставното име од 126 земји членки на ООН (меѓу кои и 3 од постојаните членки на Советот за безбедност на ООН) и приемот во некои меѓународни асоцијации, повеќе се должи на некои други околности отколку што е резултат на македонската надворешна политика и изградена стратегија. Македонското раководство не успеа да ја искористи евидентната наклонетост на САД за време на Бушовата администрација и да стави крај на спорот со што трајно би се зацврстила нејзината меѓународна позиција и осигурала внатрешната стабилност. Сегашната позиција на Македонија во овој спор е крајно неповолна и загрижувачка особено по доаѓањето на новата администрација на Барак Обама на чело на САД и активното вклучување на неколку земји членки на ЕУ отворено на страната на Грција.
Жестокиот притисок врз македонското раководство, тешката економска состојба во земјата, како и погоре споменатите слабости значително придонесоа за создавање на своевиден општ негативен политички консензус на сите политички субјекти и од власта и од опозицијата за потребата од прифаќање на т.н. „разумен компромис“, односно менување на името на државата. Diferentia specifica меѓу нив не е оправданоста, потребата или нужноста од ваквиот потег туку пред се’ прашањето за одговорност кое неминовно ќе уследи по неговото решавање. Опозицијата одговорноста за ова уште од сега ја упатува на Владата на Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ, додека премиерот преку исфрлање на идејата за референдум се обидува истата да ја префрли врз народот без да се води сметка за негативните и погубни последици кои ќе произлезат од таквиот чекор во однос на националното единство и внатрешната стабилност на земјата. Референдумот за едно вакво круцијално прашање нема никаква историска, политичка или правна основа и со самото тоа е нелегален и нелегитимен.
Сега кога пред нас се наметнува итно и безусловно решавање на спорот само од себе се поставува едно единствено прашање: Дали постигнувањето на „разумен компромис“ претставува крај на еден трагичен почеток или пак е почетокот на еден крај?
Решението кое ни се нуди во форма на некаква придавка или додавка на нашето име не е крај на нашиот дводецениски од по пеколот. Не драги мои! Тоа „решение“ е почетокот на нашиот крај, нашата Пандорина кутија од која ќе излезат сите зла, нашата „Црна дупка“ во која ќе биде проголтана сета наша славна историја и сите ние како такви, антички или словенски сеедно, нашите свети места, херои и предавници…. само слепци и наивни не можат да ја разберат и сфатат заднината не целото ова сценарио кое по системот „чекор по чекор“ (промената на знамето, на Уставот – делот за правата на нашето малцинства во соседните земји, па пак на Уставот – Рамковниот договор) ги руши темелите на нашето постоење како народ со своја држава.
А еве зошто:
1. Самиот чин на постигнување на договор за било каква промена на името на една суверена држава претставува грубо кршење на Повелбата на ООН и меѓународното право со што се создава опасен преседан кој може да послужи како основ за слични такви постапки и на други земји во светот.
2. Постигнувањето на договор меѓу Македонија и Грција со кој ќе се изврши било каква промена на името на државата не може да претставува крај на спорот туку само една етапа во односите меѓу двете земји после кои реално е да се очекуваат нови барања и условувања од страна на Грција со оглед на нејзините сегашни силни позиции во светот, особено ако се има во вид досегашното искуство со долгорочната стратешка (византиска!) политика на Грција и нејзината меѓународна позиција во НАТО и ЕУ, како и долгата и сложена процедура до финиширање на процесот.
3. Промената на името само по себе го доведува во прашање и историскиот континуитет на македонската држава народ и нужно имплицира редефинирање на внатрешните односи во земјата во однос на суверенитетот и унитарноста на државата. Придавката со географско значење дефинитивно ја дефинира Македонија како територија без историска и етничка содржина со што директно се потврдуваат и грчките и големобугарските тези за Македонија како една од областите на Балканот чии делови им припаѓаат на сите.
4. Името на македонскиот народ и јазик се нераскинливо поврзани со името на државата Македонија и секоја придавка или додавка на државното неминовно упатува на редефинирање на идентитетот на нацијата и јазикот на македонскиот народ што ќе доведе до натамошно обезличување, раслојување и разградување на македонското национално ткиво и почеток на крајот на еден народ.
5. Со чинот на постигнување ваков договор реално е да се очекува вклучување и на соседните земји на Македонија и обид за артикулација на нивните историски интереси во однос на Македонија и тоа:
- Бугарија – активирање на Санстефанските стремежи преточени во идејата за Голема Бугарија (почетна фаза – проблематизирање на идентитетот и јазикот);
- Србија - статусот на Македонската православна црква
- Албанскиот фактор – активирање на проектот „Голема Албанија“!
Настаните кои се регистрираат дома и во соседството веќе го најавуваат ваквиот расплет на настаните.
Историјата познава многу примери на вистински геноцид извршен врз поедини народи (Евереите, Ерменците, Македонците…), на нивно мистериозно исчезнување (Маите) или пак постепена асимилација од страна на поголеми и посилни народи (Индијанците во САД, Абориџините во Австралија), но сеуште не е познат случај каде еден народ самиот доброволно се самоуништува! Така, тоа што не им успеа на многуте освојувачи и окупатори на Македонија од антиката до денес еве на најдобар пат е да им успее на нашите (не)легитимни водачи.
Од нас… и само од нас зависи дали тоа ќе го дозволиме!
facebook.com/#!/notes/aleksandar-dinevski/денови-на-искушение-мојот-конечен-став-за-прашањето-за-името
For fair use only.