Start vo razgovor so Igor Avramovski, predsedavach na Soborot na MPCA
http://www.start.com.mk/br084/intervju4.htm
---------------------
For fair use only.
Број 84, 01.09.2000
http://www.start.com.mk/br084/photos/Igor Avramovski 1.jpg
Игор Аврамовски, претседавач на Соборот на МПЦА
Ќе се справиме со инквизицијата на Петар!
На 19 и 20 август во присуство на претставници од 11 (од вкупно 18 општински цркви) во црквата “Свети Ѓорѓи” во Епинг, Австралија се одржа Собрание на кое е донесена одлука за формирање на “Македонска православна црква за Австралија”. Во јавноста тоа беше протолкувано како конечен раскол во Австралиската епархија. На сите обвинувања за “Старт” од Австралија, одговара Игор Аврамовски, член на раководството на МПЦА
СТАРТ: Каква е состојбата сега во македонските православни општини во
однос на црковното организирање?
АВРАМОВСКИ: Македонските правславни заедници (општини) во Австралија
се регистрирани како непрофитни, општествени и добротворни компании
(според федералните закони) или асоцијации (на државно ниво). Две од
нив (кои, условно, се на страната на Петар), се регистрирани како
старателства, односно тапиите на нивните имотите ги држат мал број
поединци, наречени старатели. Во една општина (Св. Никола во Мелбурн),
старателите ги именува Петар. Сепак и старателствата се непрофитни,
бидејќи законски е невозможно поинаку да функционираат.
Компаниите и асоцијациите се само законски форми преку кои македонските
православни заедници прераснуваат во единствен правен субјект, односно
правно лице, што значи дека членовите како поединци немаат никакво
право на имотите или средствата, туку само како заедница. Преку овие
правни субјекти верниците, на строго доброволна основа, имаат
загарантирани права на контрола врз црковно-народните средства, како и
конкретни демократски и транспарентни процедури за исполнување на
таквите права.
Црква, како законска форма, во Австралија не постои. Затоа и Петар
бараше од Парламентот на Нов Јужен Велс (австралиска држава) да донесе
посебен Закон за Старателство врз имотите на МПЦ, според кој би се
основала статутарна Корпорација, сочинета само од него и шест директори
кои тој самиот ќе ги назначува или разрешува. Намерата беше, таа негова
Корпорација да ги преземе имотните права врз сите имоти на шестте
македонски православни општини во Нов Јужен Велс (една од тие општини
има две цркви). Но, сите цркви во Нов Јужен Велс, вклучувајќи ги и двете
од гратчињата Порт Кембл и Квинбијан кои, наводно, го поддржуваат Петар,
се спротивставија на ваквото барање, па затоа Парламентот не го усвои
предложениот закон.
Покрај религиозните цели, во кои на свештениците никој не им се меша,
македонските православни општини имаат и општи цели и активности,
претежно за афирмирање на македонската нација, јазик и култура во
Австралија. Петар бара сето тоа да го прекине, односно да го стави под
своја контрола. Него најмногу му пречат активностите за афирмација на
македонскиот етноисториски идентитет. <
СТАРТ: За денес во Квинбијан се најавува редовно епархиско собрание, на
кое митрополитот Петар смета дека ке се разрешат сите работи. Што ќе се
случува таму и колку општини, според вас, ќе присуствуваат?
АВРАМОВСКИ: Такви, нелегитимни собранија досега многу пати се одржале,
но никогаш ништо не разрешиле. Тоа ќе биде само уште една фарса, каде
што Петар, преку лажни претставници, користејќи ги познатите итроштини
на притисоци и врбувања, ќе бара формално оправдување за да ја
продолжи хајката, која по пет години донесе само пустош.
Според моите сознанија, на тоа собрание можно е да присуствуваат
претставници на само пет вистински општини, и тоа Канбера, Квинбијан,
Бризбен, Порт Кембл, и ‘”Св. Никола” од Мелбурн. Првите четири се
релативно мали заедници, со кои може полесно да се манипулира, преку
закани и притисоци. На собранието веројатно ќе присуствуваат и
дваесетина свештеници, од кои најмалку тројца не служат во македонски
цркви (еден служи во антиохиска, еден во нововерска - Унитинг Цхурцх, а
третиот мислам дека воопшто нема парохија). Седуммина служат во
храмови кои законски им припаѓаат на општини што се членки на МПЦ за
Австралија и не се овластени од локалните македонски заедници да
учествуваат на собранието. Тоа што сите свештеници ќе кренат рака за
предлозите на Петар не е сериозен фактор, затоа што општо познато е дека
повеќето од нив делуваат под закани со расчинување или суспензија.
СТАРТ: Каков е Вашиот одговор на најавеното можно анатемисување и
отфрлање од страна на владиката Петар?
АВРАМОВСКИ: Неговите закани со анатеми и екскомуникации за нас не се
ништо ново. Во изминатите четири до пет години таквите злоупотреби на
владичкиот трон станаа основно оружје за присилување на
неистомислениците. Тоа што тој чувствува потреба од закани за да им ја
наметне својата волја на неистомислениците, укажува дека му недостига
вистинска вера, мисионерски квалитети, аргументи и факти за да го убеди
народот во праведноста на неговите цели. Досега, заканите со анатеми и
екскомуникации, на Петар му “помогнаа” само толку од пријателите да
направи непријатели, да ги освести оние кои, малку подолго од другите,
веруваа дека во него има нешто добро, повеќе да го разгневи народот и да
предизвика посилен отпор. Македонците во Австралија преку педесет
години се развиваат во еден демократски и слободарски дух и знаат да ги
почитуваат оние кои возвраќаат со почит, но секогаш се спремни да се
справат со оние кои ги потценуваат, ги понижуваат, ги омаловажуваат и се
обидуваат насилнички да им ја наметнат својата волја. Овде со децении се
водат “војни” со шовинистички банди и тајни служби што им служат на
грчките, бугарските, југословенските и други антимакедонски интереси, така
што сметам дека, како заедница, доволно сме “потковани” за успешно да се
справиме и со инквизицијата на Петар.
И покрај с* што имаме претрпено, со конституирањето на МПЦ за
Австралија ние повторно демонстриравме добра волја и оставивме
отворена врата за соработка и дијалог со САС.
СТАРТ:Како ги објаснувате обвинувањата дека сте профитерска група?
АВРАМОВСКИ: Тоа е тешка и злонамерна клевета која ги засега сите
непрофитни и добртворни организации во Австралија, вклучувајки ги сите
македонски православни општини основани од 1956 година до денес.
Таквите дезинформации свесно ги генерираат Петар и некои негови
квази-свештеници, кои се единствените профитери од црквите (ако ги
оставиме на страна симболичните суми што им се даваат на притропите и
чистачите), односно кои бараат плата од црковната каса. А клеветите ги
шират токму за да го нарушат принципот на доброволно работење во
општините и да приграбат повеќе од црковно-народните пари за себе. Ова
ќе го речам секаде и во секое време, со целосна одговорност, затоа што во
тој контекст поседуваме и писмени барања од Петар и неговото
свештеничко собрание. Имено, покрај натпросечните плати (во просек,
околу две илјади долари месечно за свештениците, а 50 илјади долари
годишно за Петар) и парите што лично ги наплаќаат за венчавки (околу 150
долари од една, а во секоја од нашите цркви се одржува една до шест
венчавки секоја недела), тие бараат и апсолутна контрола врз народните
имоти и каси, како и ред други привилегии на сметка на народот, како што
се бесплатни станови и куќи, бесплатни возила и приватни телефонски
повици, како и патување меѓу Македонија и Австралија на сметка на
народот, по приватни и службени потреби, како да станува збор за
Битола-Скопје. Понатаму, самиот Петар своевремено бараше 300 долари за
да одржи една литургија во Црквата “Св. Никола” во Кабрамата. Па нека
простат, но Македонците во Австралија не се ниту “овци за стрижење”, ниту
“крави за молзење”. Ние нема никогаш да прифатиме свештени лица кои се
однесуваат како аги, бегови или естрадни ѕвезди. Петар и неговите
“војници” многу добро го знаат тоа, па затоа се обидуваат сопствените
гревови да им ги припишат на општинските управи.
СТАРТ: Најавено е можно пристигнување во Австралија на Архиепископот
г.г. Стефан, по турнејата во Америка и Канада. Дали сте информирани и
поканети на средба со него?
АВРАМОВСКИ:За таква посета на Неговото Блаженство немаме никакви
информации, иако тоа ни беше ветено уште пред една година. Ние
отсекогаш сме барале Поглаварот, заедно со Синодска делегација да ја
посети Австралија и самите да се уверат, без рестрикции од Петар, за
фактичката состојба. Да го направеа тоа навреме, можеби кризата немаше
да дојде до овој степен.
М. Шеќеровска