I changed my stance on EU several weeks ago
As I specified in my post, the Ohrid accord was a product of the Clinton administration, that had already been enacted at the time of the commencement of the Bush administration. Believe me when I say I am not making excuses for anyone, but I know for a fact that Clinton policy procedures were enacted during his administration that would eventually take place under a time which was directed by the Bush administration. Presidential policy/decisions do not come into effect immediately after approval, it takes weeks, even months after the approval. Ambassadors/representatives do not change policy unless specifically altered by central administration.
Not guilty of MURDER your honour, I was just following orders (previous policy)! OXYMORONISM at its best in PURE UmdOvci-ist VASSAL STYLE!!!
-------------------
ИНТЕРВЈУ - Акад. Блаже Ристовски
http://www.zum.com.mk/default.asp?pBroj=50&stID=21
На суверена земја однадвор не и прават Устав
"Политичкиот дијалог" е всушност крајно грубо наложен диктат врз Македонија, а нашите одбрани "политички лидери" се впуштија во битпазарски пазарлак околу судбината на народот и државата, при жестоки уцени и однадвор поддржуван и раководен оружен притисок со безмилосно етничко чистење на вековната македонска територија, смета акад. Блаже Ристовски. Според него, тоа води кон елиминирање на македонскиот карактер и на народот и на државата заради конечно решение и на македонското и на албанското прашање на Балканот, со што ќе бидат задоволни и Грција и Бугарија. Единствениот излез тој го гледа во уништување на терористите, отфрлање на "дијалогот", ослободување од "олеснувачите" и во преземањето на вештачки создадената ситуација од нови луѓе со нови визии
Разговараше: Зоран Маркозанов
ЗУМ: Господине Ристовски, политичкиот дијалог ќе доведе до уставни промени, со кои, меѓу другото, ќе дојде до официјализирање и на албанскиот јазик во Македонија. Без оглед што тоа најверојатно ќе добие форма на "употреба на ограничена територија и околности", сепак, сметате ли дека двојазичноста е вовед во бинационализирање на македонската држава?
РИСТОВСКИ: Пред се, не се работи во случајов за никаков "политички дијалог", туку за крајно грубо наложен диктат врз една суверена и независна држава што има признат статус како меѓународен субјект. Се работи всушност за реализација на грчкото барање за промена на статусот и карактерот на македонската држава и нејзина конечна ликвидација, со што ќе бидат задоволни и сите други соседи. Тоа беше јасно уште кон крајот на 1991 година кога грчкиот претставник на седницата во Европската заедница издејствувал да се стави во условите за признавање на субјективитетот на државите што настанаа по распаѓањето на СФРЈ и барањето името да не претставува "територијална претензија кон друга држава". Тогаш (во духот на прифатениот принцип за консензус во ЕЗ) Грција го прокламира името Македонија и "македонското прашање" како нејзин "витален национален интерес" и тоа на извесен начин стана и политика на денешната Европска унија. Бидејќи пак во ЕУ, НАТО и ОБСЕ е доминантен гласот на САД, а "албанското прашање" се наметна како "витален национален интерес" на денешната најмоќна земја во светот, спрегата на интересите стана судбоносна и за опстанокот на Република Македонија, па и на македонскиот народ како ентитет воопшто.
Второ, колку што ми е познато, не постои суверена земја во светот што би дозволила некој моќник однадвор да и го прави Уставот. Но нашите одбрани "политички лидери", притиснати сите во една виртуелна влада, во бескомпромисната и калкулантска борба за власт, се впуштија во битпазарски пазарлак околу судбината на народот и државата, при жестоки уцени и однадвор поддржуван, раководен и најсовремено опремен оружен притисок со безмилосно етничко чистење на вековната македонска територија.
Трето и многу важно е прашањето: може ли да се води "политички дијалог" помеѓу етнички одбрани партнери од истата влада за претворање на едно од малцинствата во конститутивен народ и за тотално обезличување на самиот народ што во војната токму и против вооружените формации на тоа малцинство во 1944 година ја создаваше современата македонска држава?
И најпосле, со прифаќањето на албанскиот како втор официјален јазик, макар и во форма на "употреба на ограничена територија и околности", фактички се омеѓува посебен национален субјект на таа територија што автоматски го добива статусот на народ во веќе бинационализираната држава. Тука е посебно суштествено што, во името на "граѓанскиот" карактер на државата, тотално се отстранува и македонското име и категоријата (албанско) малцинство во целиот текст на Уставот, се исфрла Преамбулата и се создава заедница на два неименувани етнитета, што во првата историска шанса ќе доведе до неминовниот расцеп и поделба на имагинарната држава. Така, значи, се постигнува основната цел на спрегата да се елиминира македонскиот карактер и на народот и на државата заради конечно решение и на македонското и на албанското прашање на Балканот.
ЗУМ: Тоа значи дека ќе ја загубиме државата онаква каква што ја имавме?
РИСТОВСКИ: Сосем логично, природно и ефикасно.
ЗУМ: Тогаш, каква иднина ја очекува Македонија? Гледате ли друг излез?
РИСТОВСКИ: Единствениот излез за Република Македонија е да се организира како држава за да ги елиминира вооружените натрапници што окупираа веќе една третина од територијата, да го отфрли наметнатиов "дијалог", да се ослободи од улогата на "олеснувачите", да формира привремена "чиновничка" влада што ќе подготви парламентарни избори и народот да ја реши вештачки создадената ситуација. Сето тоа бара нови луѓе со нови визии, без неоправданиот ламтеж за брз прием во НАТО и ЕУ. Ова е судбоносен историски момент и македонскиот субјект мора да дејствува единствено, решително, одговорно и ефикасно, со полн ангажман на сите потенцијали. Само така можеме да мислиме за иднина на Македонија.
ЗУМ: Стратегијата на Албанците во Македонија (како дел од албанската кауза воопшто) за некаква федерализација на Македонија е стара со години, па и со децении. Зошто Македонците не успеаја да изградат сопствена национална стратегија со која би се парирало на таквата идеја? Каде ги гледате грешките?
РИСТОВСКИ: Вашата констатација не би рекол дека одговара на вистината. Македонците, поставени во специфичните околности во ХХ век, за да се откинат од агресијата на претензиите на соседните национални пропаганди, изградија најмногу програмски концепции за разни федерации/конфедерации во балкански, во словенски или во православни рамки. Спиро Гулапчев уште во 1887 година даде визија за една таква државна организација на балканските народи. Македонското научно-литературно другарство во Петербург уште во 1902 година ја дефинира Македонската национална програма со визија и на македонска држава во рамките на една словенска или балканска федерација. Конфедеративни концепции прокламира и Македонскиот клуб во Белград (1905). Слични програми имаше десетици и во илинденскиот период. Во новите услови по поделбата на Македонија (1913), за да се овозможи обединувањето на деловите на раскинатиот народ, Македонците исто така формулираа или прифатија најразновидни форми за заеднички држави на Балканот. Вие се сеќавате дека и Македонскиот револуционерен комитет на Димитрија Чуповски уште во 1917 година ја објави програмата за Балканска Федеративна Демократска Република со Македонија како посебен рамноправен субјект во неа. Не случајно визионерските умови на Македонија и по Првата светска војна ја согледаа шансата за обединување и ослободување на Македонија како посебен субјект во Балканската федерација што ја прокламира Коминтерната и ја протежираше се до 30-тите години. Случајно ли беше што и во околностите на Втората светска војна, по новата, фашистичка поделба на Макеоднија, независно од концепциите на КПЈ, Македонското националноослободително движење се до половината на 1943 година ја култивираше идејата за Балканска федерација како единствен услов за обединување на сите делови на Македонија во исти граници, а Димитар Влахов, независно дури и од решенијата на Второто заседание на АВНОЈ, се до пролетта 1944 година во печатот и на седниците на Сесловенскиот комитет во Москва се уште зборува за обединета Македонија во Балканска федерација.
А грешки имало и има многу. Па ние и во периодот по Ослободувањето на овој дел од Македонија егзалтирано ја прифативме Титовата концепција за "братство-единство" и залисани од слободата повеќе мислевме за "народностите" кај нас, отколку за судбината на македонскиот народ. Албанците секогаш настапуваа јавно и гласно со албанската национална платформа, а ние тоа како да не сакавме да го видиме и се занесувавме дури и со преднамерено измисленото "југословенство". Погледнете како ја изградивме "Западна" Македонија и споредете ја со Источната што до скоро немаше, па и денеска нема ни еден асолен пат! Грешки судбоносни...
ЗУМ: Па зошто не се укажувало навреме, каде била нашата интелектуална елита?
РИСТОВСКИ: Во рамките на можностите македонските интелектуалци наоѓаа патишта и средства, иако тоа време беше многу ризично за таквите пројави.
ЗУМ: Зошто сега не се направи една национална програма? Каде е Вашиот Форум за Македонија 2001?
РИСТОВСКИ: Во 1989 година тогаш формираниот Македонски форум ја започна реализацијата на таа задача, но настаните во 1990 и 1991 година го стопираа комплетирањето на таквата програма, бидејќи неколку членови се вклучивме активно во создавањето на самостојноста на Република Македонија. А сегашниот Форум ќе се обиде во новите околности да формулира една Македонска национална програма, ангажирајќи ги и соодветните творечки и мислечки интелектуалци од разните области во Македонија - без разлика на етничкото потекло, верската или политичката припадност.
ЗУМ: При лансирањето на идејата за размена на територии и население со Албанија премиерот Георгиевски изјави дека за само еден месец таа идеја ќе стане заразна. Истиот сега повикува на граѓанска војна. Како гледате на тоа што човекот кој две и пол години зборуваше за "релаксирани меѓуетнички односи" сега има вакви ставови?
РИСТОВСКИ: Во Вашето прашање како да се чувствуваат извесни партиски ориентации. Јас не сум партиски човек и како научен работник и не можам да не ги гледам и да не ги оценувам фактите. Ако сакаме да бидеме објективни треба да кажеме дека главната причина што Република Македонија е доведена до денешната ситуација е преднамерената политика на премиерот Георгиевски, кој уште пред да го направи оној несреќен договор со неодговорниот партнер Тупурковски беше изјавил дека по неговото доаѓање на чело на владата во Македонија ништо нема да биде како што било. Очевидно, човекот си остана на зборот. Денеска веќе навистина ништо не е како што беше. Нам не ни се познати неговите договорни обврски со Џафери за "релаксирање" на меѓуетничките односи, но нешто веќе се знае за договорите со источниот сосед, иако сега и тој му го врти грбот - сметајќи на можната поделба со Албанците.
Сето тоа е познато и јасно. Па и самиот не еднаш се имам искажувано. Но изјавата на премиерот, за жал, се покажа во одредена смисла реалистична. Сегашната ситуација, етничкото чистење, секојдневните жртви со окупираните територии, односот на САД и ЕУ кон Македонија и начинот на решавањето на кризата, гледајќи ја таа фактичка состојба, добар дел од Македонците веќе размислуваат за таа изјава. Тука немаат место меѓупартиските шпекулации. Но она што никако не е точно е фактот дека Георгиевски никогаш не повикал на граѓанска војна! Тоа се инсинуации. Тој повикува за воено решение на настанатиот проблем, што не мора да значи и граѓанска војна, што сигурно не ја сакаат ни самите Албанци. Единствениот рационален потег е навистина ликвидацијата и изгонувањето на оружените формации на нашата окупирана територија, па потоа во нови околности сталожено и одговорно да се разгледаат сите евентуални уставни прашања, а не да се амнестираат убијците и да се преформираат во "заштитен корпус" по селата со албанско етничко малцинство.
ЗУМ: Очигледно е дека исклучива причина за преобликувањето на нашата држава е терористичката криза. Како во иднина во учебниците по историја ќе се третираат сегашните настани - тероризам, граѓанска војна или "ослободително движење"? Може ли да се случи Македонците и Албанците, како граѓани на една држава, да имаат две истории?
РИСТОВСКИ: Прво, "терористичката криза" не е причина, туку последица на една долго експонирана големодржавна идеологија што ги има корените и сегашниот центар во Тирана и само се емитира преку уште недефинираниот протекторат Косово. Платформата за решавање на албанското национално прашање на Албанската академија на науките од 1998 година е само сублимација на идеологијата што има веќе вековна историја и претставува национална програма, подготвена од претставници на сите Албанци на Балканот и во емиграцијата, па вклучително и од Македонија. Впрочем, тоа е јасно и од декларациите на официјални државни органи и тела на Албанија и од логорите за обука на окупаторите на албанска и косовска територија.
Второ, тоа што се случува сега се уште не е граѓанска војна, а од наш аспект тоа е сигурно меѓу другото и тероризам. Но од страна на Албанците тоа и јавно се декларира како "ослободително движење", бидејќи го води Ослободителната национална армија (ОНА). Инаку, ние и сега имаме две различни истории. Со децении во албанските училишта во Македонија се предава албанска историја и се даваат свои интерпретации на настаните, личностите и процесите од албански национален аспект. Дури нелегално и се предава и се учи од учебници од Тирана или од Приштина. Во сиве овие години нема ниеден инспектор Македонец што да наѕре во тие училишта и учебници! Утре тоа само ќе се легализира и двете истории ќе станат и државна практика.
ЗУМ: Како гледате на улогата на Европа и САД? Дали нивното дејствување е продолжение на вековната негаторска политика кон Македонија и македонскиот народ или, сепак, тоа е резултат на фактот што самите ние не успеавме адекватно да се справиме со терористите?
РИСТОВСКИ: Денеска барем работите се сосем јасни. Нешто веќе реков за спрегата САД - ЕУ и за нивните "витални национални интереси". Мораме да градиме релации со светот и да наоѓаме вистински пријатели на нашата кауза. Актуелната глобализација со моќта на мултинационалните компании и доминацијата на САД во светот е евидентна и од неа не може да се избега. Тоа го чувствува и Европа и не би ме изненадило ако наскоро дојде и до пожесток судир со ЕУ или барем со некои нејзини членки. Но секоја сила си има и свое време. Некогаш и Александар се занесувал со завладување на светот. И на Наполеон му се вртеше таквата идеја. Биле и Цезар и Карло и моќната Византија, па и империјата на султаните што потресувала три континента. Уште ги помниме песните и паролите од Втората светска војна кога прочуениот каплар со вообразената моќ на "оската Рим-Берлин и Токио" воведуваше "нов ред во Европа", а богами и во светот. И видовме како заврши. Ние ги помниме и песните по Војната, кога како ученици марширавме со агитките "Америка и Енглеска биќе земља пролетерска"... Во историјата имало многу илузии и заблуди, но тоа не значи дека тие не носеле и многу крв и солзи...
Тешко е да се зборува за "вековна негаторска политика кон Македонија и македонскиот народ". Ние постоиме како држава само нешто повеќе од половина век. А како народ сме се развивале во рамките на вообичаените патишта на голем број народи. Цариградската конференција, Санстефано и Берлин не не согледаа како посебен национален субјект. Тоа што во Илинден мислевме дека можеме да направиме чудо само потврдува дека не сме имале јасна визија за реалностите. Во Букурешт и Версај не бевме во состојба да спречиме други да решаваат за нашата судбина. Во 1941 и 1944 дозволивме да бидеме поведени по туѓи национални интереси и одвај ја извојувавме асномска држава. Може да ни се случи и во овие драматични мигови, кога веќе сме и треба да се чувствуваме како фактор, да ја загубиме ориентацијата и со неа и државата. Ние фактички дозволивме да разговараме, дури и да се договараме за нашата сопствена судбина со некакви терористи и нивните "легални политички претставници" во нашата сопствена влада! И тоа надвор од уставните норми и на надлежните тела. Наместо вооружените да се ликвидираат, фатените да се судат, а на нелојалните граѓани што кренале пушка проив македонскиот народ и државата да им се одземе државјанството и да се вратат од каде што се дојдени (Грција им го зеде државјанството и на сопствените граѓани што само од идеолошки причини кренале оружје против поредокот во државата!). Исто така ќе биде неопходно да се преиспита масовното давање државјанство на Косоварите и сите што се здобиле со ваков акт по незаконски пат.
ЗУМ: Дали странскиот фактор, со наметнување решенија однадвор, веќе догодина може да не притиска и за промена на името на државата, со што би се обезличил и македонскиот народ, а со тоа би се реализирале и стремежите на некои соседни земји како Бугарија и Грција?
РИСТОВСКИ: Се сеќавате за неодамнешните долги, јавни и драматични сцени и расправии околу високото образование на Албанците во Македонија? Тогаш тие рекоа дека само тоа да го добијат и ќе сметаат дека нивните аспирации како малцинство се задоволени. Но тие и јавно изјавија дека никогаш не отстапиле од својата прокламирана национална програма за извојување статус на рамноправен народ со рамноправен јазик, наука и култура и со рамноправно партнерство во државата. Зошто сега, кога ја имаат широката поддршка на најмоќните НАТО, ОБСЕ, САД и ЕУ, да се откажат од крајните цели во духот на тиранската Платформа? Прашањето за името и самото ќе отпадне од дневен ред, бидејќи и во Уставот на имагинарната држава македонското име воопшто нема да фигурира, привремено ќе се најде само во насловот "Устав на Република Македонија"! Грција веќе нема потреба да се вознемирува: нема да постои македонски народ како меѓународно признат ентитет, па нема зошто да се плашат дека можеме да бараме признавање на малцинските права и имоти на Македонците, од кои и инаку ние официјално се откажавме! Бугарија исто така ќе биде наполно задоволна, зашто ако веќе не се или не смеат да бидат Македонци, жителите на Македонија можат да бидат Бугари. Пиринците конечно ќе ги снема, како и Македонците во Албанија и Србија. Само оние во дијаспората уште долго ќе пекаат по загубената татковина...
Сепак, јас сакам да верувам дека и овојпат во Македонија ќе се најдат достојни македонски синови, ќе се разбуди затапената македонска свест и совест и нема да бидат потпишани под такви услови овие понижувачки и судбински катастрофални понудени агенди. Па дури и кај верните "партиски војници" во нашиот наполно исклучен од процесот анемичен парламент ќе проработи свеста за историската одговорност и ќе знаат да се постават на своето достојно место. Ако и тоа не се случи, тогаш веќе се заканува можноста и народот да ја земе судбината во сопствените раце...
--------------------
http://www.zum.com.mk/default.asp?pBroj=50&stID=21
For fair use only.