Смртта на Глигоров ја раскара дијаспората
Невкусната вербална пресметка во која се најдоа иселениците во Австралија по смртта на првиот претседател на независна Македонија, за едни е инцидент што не го покажува реалното чувство на иселеништвото, а за други последица на конкурсот за задграничните комитети на ВМРО-ДПМНЕ
Извадоци од коментарите на сајтот informator.ws
Многумина денес се радуваа во стил на демострантите на Арапската пролет кога беа сменети некои диктатори меѓу кои и Мубарак
Македонците од Австралија се загрозени од чинот што во РепубликаМакедонија е објавена ден на жалоста
Контроверзни коментари дека неодамна починатиот претседател Киро Глигоров не заслужил да биде погребен со државни почести бидејќи бил креатор на привремената референца и не се однесувал државнички и доволно патриотски, еден ден по неговиот погреб осамнаа на социјалните мрежи потпишани од наши иселеници во Австралија.
Атмосферата на меѓусебни препукувања и поделби на патриоти и на предавници ја загреаја текстови со наслови од типот „Сполај ти, боже, што почина“, објавени на австралискиот електронски информатор на тамошните Македонци.
„Почина Киро Глигоров, а веста кај Македонците во Австралија беше примена со голема радост за неправдата што ја нанесе во Обединетите нации кога Македонија беше примена под името поранешна југословенска Република Македонија и за коментарот кога Глигоров спомна дека Македонците немаат никаква поврзаност со Александровата цивилизација“, се вели во текстот на австралискиот интернет-портал њњњ.информатор.њс, кој предизвика лавина реакции.
Под него се објавени и коментари на читатели што велат дека Глигоров треба да се погреба зад Карпатите и дека не заслужува државна почест.
Текстот, под кој не е потпишан авторот, на интернет-порталот за кој не постојат ни основни податоци за уредништвото, ја вознемири јавноста во Македонија и во Австралија.
- Автор на текстот е Никола Ставрески и многу Македонци се згрозени од неговите пишувања, особено зашто тој се јавува во името на сите Македонци во Австралија. Глигоров овде ќе го паметиме како човек што имаше разбирање за маките и за страдањата на Македонците од Егејска Македонија - вели Ицо Најдовски-Перин, долгогодишен македонски активист од Мелбурн.
Тој тврди дека ова е изолиран случај, кој не дава реална слика за чувствата на Македонците во врска со смртта на Глигоров.
Со текстот на сајтот е објавена и песната „Сполај ти, боже“ на Сузана Спасовска.
- Не знам зошто ја поставиле таа песна за толку тажна вест. Напротив, песната „Сполај ти, боже“ го слави животот. Се чувствувам многу непријатно што моето име е вклучено во нешто вакво. Ќе преземам мерки за заштита - вели пејачката Спасовска, авторка на песната.
Влијанието на задграничните комитети
Социјалните мрежи се вжештија со препукувања по прашањето кој е поголем патриот - оние што живеат во Македонија или оние во Австралија. Граѓаните згрозено го коментираат текстот што ја слави смртта на претседателот Глигоров.
„Тие се квазипатриоти и послушници на пајташите на Груевски, оние што својата чест, доблест и татковина ги продадоа за еден пасош и за пари. Толку многу е испревртена оваа земја... Ги жалам Македонците во Австралија, кои се подложни на секаква антимакедонска пропаганда, која таму има плодна почва, зашто нашите живеат во информативен мрак и еднострано се информирани за состојбите во Македонија“, се вели во веб-коментарите под текстот.
Македонската дијаспора досега важеше за особено обединета по однос на националните прашања, но нејзината поделеност и јавното оцрнување на истакнати личности оттаму изминативе месеци се во пораст. Тоа е особено активирано по летните парламентарни избори, кога првпат македонските државјани надвор од границите на државата добија можност да изберат тројца пратеници што ќе ги застапуваат нивните интереси. Сите тројца пратеници од дијаспората беа избрани од редовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ: Павле Саздов (за Америка), Милорад Додовски (за Австралија) и Ристо Манчев (за Европа).
За некои од иселениците, постоењето на партиска активност надвор може да значи поделба на дијаспората, која досега беше единствена.
- Овие од ДПМНЕ преку своите задгранични комитети 22 години ги лажат и им продаваат лажен патриотизам само за да извлечат некој долар од нив за „македонската кауза“. Нашите таму главно се полуписмени и ваквите финти лесно поминуваат кај нив, особено ако главен информатор е оној Никола Ставрески. Тој во една пригода и мене ми продаваше патриотизам на мојот профил, а јас му одговорив дека во 2001-та, додека тој се сончал на плажите во Австралија, јас со пушка ги бранев Тетово и Македонија - се вели во еден од коментарите.
Слично размислува и Најдовски.
- Сето ова има врска со конкурсот за задграничните комитети на ВМРО-ДПМНЕ, кој е во тек. Овде има поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ што ги трујат Македонците. Останувам на ставот дека македонската заедница во Австралија нема потреба од политички партии - вели Најдовски-Перин.
ВМРО-ДПМНЕ пред Нова година распиша интерен партиски конкурс за избор на претседатели на задграничните комитети, но од владејачката партија сметаат дека ваквата поделеност и прегреаната атмосфера немаат никаква врска со нивниот конкурс. Напротив, сметаат дека се работи за инцидентни настапи на поединци што го рушат имиџот на Македонија. Пратеникот Додовски токму сега е во Австралија.
Слично размислува и Саздов.
- Постојано сум во контакт со македонската заедница во мојата изборна единица, ги знам нивните проблеми и интереси. Дијаспората не е поделена, напротив сé уште сме во силно заедништво по прашањата што се од национален интерес, како што се спорот со името, зачувувањето на македонскиот јазик и борбата за посебен македонски идентитет. Ваквите испади по социјални мрежи се издвоени инциденти од луѓе што сакаат да се самопромовираат - вели Саздов.
Обединето сочувство
Наспроти вознемирувачките текстови во електронскиот информатор на нашинците во Австралија, една од најголемите организации на Македонците надвор од границите на земјава, Обединета македонска дијаспора (ОМД), завчера упати телеграми со сочувство до македонскиот државен врв за починатиот Глигоров.
- Лидерството на претседателот Глигоров ја постави Македонија на курсот кон слободата за која македонските граѓани и македонските иселеници ќе му бидат вечно должни - изјави претседателот на одборот на ОМД, Стојан Николов.
Оваа организација по повод 20-годишнината од независноста на Македонија, лани во септември на Глигоров му додели награда за животно дело. Тогаш Светскиот македонски конгрес преку соопштение објави дека наградата не била доделено правично, бидејќи Глигоров не ја заслужил, ниту пак е прифатлива за најголемиот број Македонци и македонски заедници во светот.
Хил: Човек на мирот
Во текстот „Македонскиот човек на мирот“, објавен во американскиот печат, поранешниот американски амбасадор во Македонија Кристофер Хил дава дузина духовити забелешки за починатиот претседател Глигоров.
Фактот што Анџелина Џоли сними филм за Босна (се однесува на филмот „Во земјата на крвта и медот“, з.н.), а не за Македонија, во најголем дел се должи на Глигоров, единствениот лидер во поранешна Југославија што успеа да ја зачува својата тогаш новоосамостоена држава од југословенските конфликти.
Глигоров одеше кон тоа да стане мистер Македонија во Титовата Југославија.
Македонскиот устав (уште еден од важните придонеси на Глигоров), гарантира целосни и еднакви права за сите граѓани, но некои од албанските, турските, влашките и другите малцинства ја опишуваат земјата како „национална држава“ на Македонците.
Глигоров беше и цел на атентат, во кој го загуби окото и дел од челото. Го видов кога веќе ја имаше надминато 90-та и му реков дека добро изгледа. „Чудно, ми одговори, кога бев помлад никој не ми го велеше тоа“.
Кога НАТО се подготвуваше за војна со Србија, генералот Весли Кларк побара одобрување за влегување на Косово преку Македонија. „Само ако ни дозволите влегување во НАТО“, одговори Глигоров. „Србите ни се соседи. Тие имаат долги ножеви, но уште подолга меморија“.
Балканот не е љубезен со политичарите. Ќе помине некое време додека се препознаат придобивките на Глигоров во неговата татковина.
Автор: Искра Опетческа / Катерина Нешкова