Зошто Александар Македонски?
Секој народ има своја главна идентификациска идеја врз основа на која го гради својот идентитет како и своето времено (би рекол, под одредени услови, и вечно) национално единство, со цел да ги оствари своите времени (би рекол, под одредени услови, и вечни) национални цели. Заснован на главната идентификациска идеја, идентитетот потоа може и да се надоградува.
Зошто велиме идентификациска идеја, а не велиме дека тоа со кое ние национално се поистоветуваме, односно идентификуваме може да биде и нешто материјално (иако за некого и тоа не е сосема исклучено). Од две причини: прво, затоа што вообичаено како идентификациска идеја се појавува идеализираната татковина, или пак некоја историска личност (и така само личности ја прават историјата), или некој историски настан или состојба поврзани со таа личност кои се сега веќе минато и не постојат како такви освен во сеќавањето; и второ, затоа што идејата е неделива и истовремено секој може во потполност да ја присвојува без судир со интересот на другите, додека пак материјалното е деливо и неговото присвојување создава раздори и несогласувања, па дури и војни помеѓу луѓето.
Идентификациската идеја воопшто не мора да зависи од ДНК, од крвното сродство или од јазикот на кој се говори (на пример: САД), од границите (на пример: Евреите низ историјата и денес) итн. Идентификациската идеја не е ни временски ограничена, може да биде од поново и може да биде од постаро време. Идентификациската идеја не зависи ни од артефактите (ретко кој и ги има релевантните, соодветните) и затоа не треба да се меша со антиквизација. Идентификациската идеја е независна од што и да е.
Идентификациската идеја има уште една димензија која заради своето големо национално влијание и значење мора да се спомне. Имено, идентификациската идеја, како нешто што не се дели и како нешто што истовремено секој може во потполност да го има, образува синовски однос кон татковината и пријателски или братски однос помеѓу луѓето соединети околу неа. Еднаш свесно прифатената идентификациска идеја потоа цврсто се вкоренува во емоциите на човекот, до толку што тој е спремен и животот свој да си го положи за неа (идејата – татковината). Таквиот не може да се заплаши или купи, со ништо.
Тоа не е случај со материјалното. Кога материјалното би било нешто со кое се идентификуваме, или поистоветуваме, тоа, како нешто деливо и како нешто при чие присвојување се создаваат само поделби и непријателства, може да образува само наемнички или трговски однос кон татковината, и кон своите сограѓани. Никој кој има само трговски или наемнички однос кон татковината, не би си го положил својот живот за неа. На таквиот, татковина му е секоја земја од која би имал поголем интерес. Сепак, и во двата случаи се работи за душевен, а не за духовен процес.
Православната вера не може да биде тесно хоризонтална, односно национална идентификациска идеја, како што се пропагира меѓу некои православни народи. Православната вера нема тесно национална димензија. Идентификациската идеја на православното христијанство има хоризонтално универзална и вертикално есхатолошка димензија: Нема веќе ни Јудејци ни Елини [Македонци или Албанци или Власи итн.], ни роб ни слободен; ни машки ни женски; зашто сите ние сме едно во Христос Исус (сп. Гал. 3, 28). Оваа состојба е духовна и се достигнува преку соодветен процес на духовен развој. Светите Методиј и Кирил како и светите Климент и Наум се главно дел од вертикално-есхатолошката димензија на православно-христијанскиот идентитет на македонскиот народ.
Секој народ има своја идентификациска идеја, па така и нашите соседни народи. Бугарите имаат своја идентификациска идеја, Србите – своја, Грците – своја и Албанците – своја. Кога говориме за идентификациска идеја, ирелевантно е колку е таа вистинита или верна (за верување), или колку е таа смешна или сериозна, или колку таа ни се допаѓа или не, или колку ни е таа позната или непозната итн. Патриотски е максимално да се почитува и својата идентификациска идеја како и слободното определување на другите народи за нивните идентификациски идеи. Ваквиот став теоретски го гарантира и меѓународното право како и меѓународните организации. Национализмот и етнофилетизмот ја глорифицираат сопствената идентификациска идеја и ги омаловажуваат туѓите идентификациски идеи и го негираат правото на луѓето за слободно определување на својата идентификациска идеја. Ваквиот став теоретски го осудува и меѓународното право.
Македонскиот идентитет (како веќе прифатен од огромното мнозинство народ), како и идентитетот на Република Македонија, е нераскинливо поврзан со идејата за Александар Македонски и со античка Македонија. Ниту една друга идентификациска идеја не го оправдува името Р. Македонија и името Македонец. Па дури и грчките предлози и кованици Горна или Северна Македонија како и Славомакедонци се незамисливи без идентификациската идеја за Александар и античка Македонија. Затоа за ниту еден Македонец или совесен граѓанин на државата наречена Р. Македонија или за странец не би требало да биде спорно само по себе поставувањето на симболот на таа идентификациска идеја – споменикот на Александар Македонски, како идентификациски белег, на главниот плоштад „Македонија“ во главниот град на државата, во Скопје. Тоа е логиката на овој чин. Ако некому не му се допаѓа, таквиот ако може нека смисли друг идентитет и друга идентификациска идеја, како и нејзин белег. Или можеби некој знае за друга идентификациска идеја? Важно, со овој идентитет што го имаме оди овој идентификациски белег, односно споменик и затоа мислам дека непотребно се расправаме.
Легитимно политички е да се спори околу потребата на другите елементи или објекти од проектот Скопје 2014-та (финансиски, стилски, содржински итн.), но несоодветно е да се спори околу споменикот на Александар Македонски наречен „Воин на коњ“ на централниот плоштад, во главниот град, на држава наречена Р. Македонија. Секако, ниту е сè добро што прави партијата на власт, ниту е сè лошо што критикува партијата во опозиција. Затоа спротивно мислење и делување од претходново е недостаток на политичка култура. Александар Македонски, со неговите идеи за глобалниот свет, е идентификациска идеја блиска за сите наши сограѓани, за сите наши народи и етнички групи колку што нѐ има во Р. Македонија, па и пошироко. Може дури и наместо само етничка, да биде граѓанска идентификациска идеја.
Знам дека мнозина од оние кои, во незнаење или заради политичка пристрасност, досега имале спротивно мислење од ова, сега ќе прашаат: „Добро, кога е така, мораше ли токму сега да биде поставен споменикот? Не можеше ли малку подоцна или порано?“ Мислам дека одговорот на ова прашање може повторно да создаде поделби; размислете и ќе видите. Затоа, подобро е да ги обединиме силите околу она што нè поврзува, отколку безмерно, бесцелно и бесперспективно да се трошиме на она што е помалку важно и што нè дели. Во Светото Писмо пишува: „...секој град или дом ако се раздели на противни групи, ќе пропадне“ (Матеј 12, 25). А за влез во ЕУ и во НАТО воопшто не треба да се грижите, сигурно ќе влеземе (и со Александар и без него) – тоа не зависи од нас. Затоа, скоро секое спомнување на темата евроинтеграции од страна на политичките партии во медиумите денес е нејзина политизација за дневно-политички потреби. Политичките партии имаат многу други економски и социјални теми околу кои можат со право да се расправаат, но со конкретни проекти и предлози, а не со празни зборови.
Сега ќе се обидам да објаснам што значи практично сето она што погоре го објаснив теоретски. Значи, не може и не смее она што за нас претставува идентификациска идеја или идентитет, без оглед на тоа дали се работи за хоризонтален или вертикален, да биде предмет на спор помеѓу македонските политички партии. Не знам дали партиите гледаат или дали сфаќаат дека кај нас не се препознава она што значи црвена линија или воспоставени правила на игра? А ако тоа не се препознава, тогаш прашање е како ќе опстане оваа држава или како ќе функционира понатаму. На пример, не може под влијание на партиите на еден дел од народот да му се допаѓа споменикот на плоштадот, а на другиот не, и да постои расправија околу тоа. Или не може на еден дел од народот да му се допаѓа идејата за изградба на црквата на Плаошник и обнова на Универзитетот околу неа, или пак идејата за веронаука, а на другиот не. Како што стојат работите, браќата Албанци многу попаметно делуваат отколку Македонците. На пример, која од албанските партии се побуни против споменикот на Скендербег или која од нив се побуни за веронауката или против идејата за изградба на џамија на плоштадот во Скопје, а сигурно само една од нив била иницијатор? Како Албанците препознаваат што е од значење за нивниот хоризонтален и вертикален идентитет, а ние не?
Има уште едно прашање: Кој непосредно може да се грижи за проектите кои се со идентитетско значење? Нормално, партијата што е на власт, без оглед на тоа која и да е таа во моментот. Таа добила мандат за тоа од мнозинството на гласачите и таа ќе одлучува; особено ако проектот ѝ е веќе најавен и познат на граѓаните и пред изборите. Сето ова што го пишувам е според учебникот за правилата на демократијата. Од друга страна, најдобро е партиите, кога се работи за проекти од идентитетско значење, најнапред да се договорат помеѓу себе за нив. Идентитетските прашања или проекти не смеат да бидат основа за чисто партиска промоција; тоа е несоодветно со нивното општо значење. Секако, еднаш овие идентитетски прашања и проекти треба да се затворат за партиите да можат да се погрижат за поквалитетен и подостоен живот на граѓаните.
Пишувам како православен Епископ загрижен заради поделбите во својот народ и земја, во обид да ги превенирам оние посуштинските поделби отколку што се политичките. Православниот Епископ е независен од етничките и политичките поделби, тој е должен на сите да им биде сè: на Македонците – Македонец, на Албанците – Албанец, на Власите – Влав итн., само некого да придобие за Христос (види 1. Кор. 9, 22) – тоа е пастирска идентификација од која единствено зависи неговата подобност. Тој не е повикан да дели, да партизира или да етнизира, туку да собира и да обединува. Но, кога политиката ќе ги помине границите на нормалното, тој е должен да интервенира, не осврнувајќи се на дискриминаторските стереотипи од видот: Црквата да не се меша во политиката! Неговата интервенција не значи партиско определување, туку сведоштво на вистината. Православниот Епископ има единствено вертикално-есхатолошки идентитет, токму заради тоа да може да се идентификува со чиј било тесно хоризонтален идентитет, односно за да може на сите да им биде сѐ. Некој мора да остане, кој ќе го покажува и патот кон Небесната Татковина – општа за сите нас, и кон Отецот Небесен – Еден за сите нас.
Митрополит Струмички Наум
http://preminportal.com.mk/content/view/8428/53/