ИНСТИТУЦИОНАЛНО – КАРИЕРНИТЕ ПОЗИЦИИ И ПЕРСПЕКТИВИ НА ТЕРОРИСТИТЕ VS ЗАГРОЗУВАЊЕТО И ПОНИЖУВАЊЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И НЕЈЗИНИТЕ БРАНИТЕЛИ
Гоце Аризанкоски
Претседател на Форумот за безбедност
Поттикнат од општествено нелегитимното вклучување во државните институции во Република Македонија (уште многу оддамна) на реално „нерехабилитирани” сторители и/или поддржувачи на кривични дела против државата (тероризам и сродни кривични дела), а по повод нивното понатамашно назначување на челни „државни” позиции (во кое и да е министерство во земјава), не беше тешко да се „изготви” една компаративна анализа од која произлегуваат неподносливи констатации кои укажуваат на фактот дека во македонското општество и држава од поодамна е присутна состојба од областа на „политичката патологија и трауматологија”. Оваа политички-патолошка состојба произлегува и свој израз има во високата институционална позиционираност на дел од учесниците (терористите) и/или поддржувачите на терористичките напади со кои во 2001 год. беа загрозени независноста, територијалниот интегритет, суверенитетот и уставниот поредок на Република Македонија, наспроти неповолната позиционираност на припадниците на безбедносните сили (Бранителите) кои легално и легитимно учествуваа во антитерористичката одбрана на државата во таа „оловна” 2001 год.
Најпрвин ќе ги изложам реалните општествени и државни заслуги и позиции на нас - Бранителите во антитерористичката одбрана на државата во 2001 год., како и криминалната позиција на сторителите на кривичните дела - тероризам и на други кривичните дела против државата, со кои беше загрозена Република Македонија во 2001 год., за да на крајот жалосно, но објективно ја осветлам „новата политички-патолошка и безбедносно-загрозувачка парадигма” во државата. Инаку, оваа „нездрава” парадигма изразена е во политички-насилно инсталираниот модел кој „ние, Бранителите и останатите – поинаквите од терористите” „треба” да го следиме и да го трпиме. Во „орвеловски” стил, овој модел би го опишал низ три „ненормални/нездрави”, но водечки и од аспект на поновата антропологија на македонската држава, политичко-безбедносно-„егзистенцијални” пароли (кои суштински егзистираат и истовремено продолжено загрозуваат и згрозуваат, но бидејќи би било „политички вулгарно”, истите не се споменуваат!):
(1) „АПОЛОГЕТИКАТА И ПОФАЛБАТА НА ТЕРОРИЗМОТ И ДРУГИТЕ ОБЛИЦИ НА ПОЛИТИЧКО НАСИЛСТВО ОД ПОЗИЦИИ НА АЛБАНСКИ РАДИКАЛИЗАМ СЕ СУШТИНАТА НА МАКЕДОНСКИОТ МИР!”;
(2) „ОСТВАРУВАЊЕТО НА ПРАВОТО НА ЖИВОТ И СЛОБОДА НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД И НА ДРУГИТЕ НАРОДИ ВО МАКЕДОНИЈА ЗНАЧИ НУЖНО ПОЛИТИЧКО АДАПТИРАЊЕ НА ВЛАСТА СО ОПШТЕСТВЕНО НЕПРИФАТЛИВИТЕ, ПОЛИТИЧКИ-ПАТОЛОШКИТЕ И БЕЗБЕДНОСНО-ЗАГРОЗУВАЧКИТЕ АСПИРАЦИИ, ИНТЕРЕСИ И ПОСТАПКИ НА НОСИТЕЛИТЕ НА АЛБАНСКИОТ РАДИКАЛИЗАМ!”; и (3) „СОСТОЈБАТА НА ПОЛИТИЧКИ СТРАВ И ПОНИЖУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД И НА ДРУГИТЕ НАРОДИ ВО МАКЕДОНИЈА, КАКО И НА НЕЈЗИНИТЕ БРАНИТЕЛИ, ПРЕДИЗВИКАНА ОД НОСИТЕЛИТЕ НА АЛБАНСКИОТ РАДИКАЛИЗАМ, ГЕНЕРИРА И ЗНАЧИ ПОЛИТИЧКО-БЕЗБЕДНОСНА СТАБИЛНОСТ НА ДРЖАВАТА!”.
„Од лудо, полудо”, но тоа е!; да се вратиме сега во нормалната (и „некогашна”) перцепција.
Имено, патриотски мотивираното учество и стратешки придонес на нас - Бранителите во антитерористичката одбрана на државата во 2001 год. претставува еден од клучните моменти од поновата општествена (и конкретно, политичка и безбедносна) историја на Република Македонија. Со круцијалното учество на Бранителите во антитерористичката татковинска одбрана, се воспостави и одбрани загрозениот територијален интегритет и суверенитет на Република Македонија, со што се создадоа суштинските претпоставки за продолжување на опстојувањето и функционирањето на државата, како и за продолжување на нејзиниот политички, економски, социјален, безбедносен и културен развој. Но и по формално-правното демобилизирање на Бранителите откако „заврши” „оловната” 2001., истите и понатаму претставуваат структура што ја сочинуваат граѓани кои се активни, резервни или потенцијално активни припадници на безбедносни сили и кои, истовремено претставуваат клучен ресурс за безбедносните капацитети на Република Македонија и неформален елемент на нејзиниот безбедносен систем. Што е најзагрижувачки, заради понатамошното присуство на надворешно-внатрешните, етно-националистички и други извори на загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата, несомнено и натаму Бранителите остануваат стратешки столб за нејзината одбрана.
Но, како изминуваа годините по 2001., па до денес, освен што Бранителите поминуваат низ понижувачка голгота во неостварувањето на одредени заслужени социјални, образовни и други посебни права, ниеден Бранител не е назначен на висока државна функција во ниедно министерство или друг државен орган од областа на безбедноста, без разлика дали истите во текот на антитерористичкиот државен ангажман во 2001-та се наоѓале во активниот или резервниот состав на Министерството за внатрешни работи (МВР) и Министерството за одбрана (МО). Со отсуството на високо институционално позиционирање на Бранителите, не само што остсуствува почит кон нивниот државен ангажман во антитерористичката татковинска одбрана во 2001-та, туку отсуствува и придонесот кој врз основа на нашето антитерористичко искуство од 2001 година можеме да го дадеме во стратешкото планирање, поставување и остварувањето на политиката на национална безбедност на Република Македонија, што воедно претставува и легитимна општествено-безбедносна и државна потреба.
Од друга страна, како суштински и елементарен елемент на „новата политички-патолошка и безбедносно-загрозувачка парадигма” во државата, ги имаме сторителите (терористите) на кривичните дела - тероризам и на други кривичните дела против државата, со кои беше загрозена Република Македонија во 2001 год. Само според првичните (во 2001 год.), официјални (државни) институционални и статистички податоци кои се однесуваат на дел од масовните терористички напади во 2001 год. за извршени кривични дела против државата, пријавени се вкупно 111 полнолетни лица (додека „темната бројка” на кривичните дела против државата и нивните сторители е огромна). Од аспект на докажувањето дека во 2001-та Република Македонија беше нападната од тероризам, употреблив е податокот според кој од овие 111 лица, 36 се пријавени за кривичното дело (кд) „тероризам”, 1 лице е пријавено за кд „повикување на насилна промена на уставното уредување”, едно лице е пријавено за кд „предизвикување нацинална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост”, 15 лица се пријавени за кд „здружување заради непријателска дејност” (инаку ова кд скоро секогаш претходи на извршување на кд „тероризам”) и 25 лица се пријавени по основ - казнување заради „подготвување” (инаку сите наведени кривични дела против државата се политичко-мотивациски поврзани и суштински комплементарни со подготвувањето и изведувањето на масовните терористички напади од позиции на албански радикализам во 2001 год.).
Сите овие кривични дела претставуваат еден од суштинските елементи на внатрешно-државната криза, кои меѓу другото, ја докажуваат и верификуваат тезата дека обликот на загрозување на Република Македонија во 2001 год. може единствено (во општа смисла) да се определи како тероризам, а со оглед на критериумите кои се однесуваат на распространетоста и бројноста на терористичките напади, како и врз основа на бројот на нивните сторители, но и врз основа на програмско-целната ориентација на албанската радикална кауза, истиот го дефинирам како масовен етнонационалистички тероризам. Ова го напоменувам од причина што многумина (не)релевантни домицилни и странски научници, експерти, политичари и новинари, (не)намерно, целокупниот „безбедносен комплекс” кој се однесува на вооружени и невооружени напади врз Република Македонија во 2001 год., како и на одбраната на државата од страна на Бранителите, го „дефинираат” како „вооружен конфликт” (што е прифатливо единствено при елементарна општо-општествена/социолошка дескрипција!), „војна” (што е неприфатливо, бидејќи војна се води помеѓу држави!), „воени операции” на терористите, наместо терористички напади (бидејќи воени операции изведуваат единствено организирани државни или супрадржавни воени сили), именувањето како „борци” на „ОНА”, наместо сторители на кд тероризам и други кд против државата (за статус на „борци” треба да се исполнат одредени критериуми од меѓународното воено право кои при „внатрешно” терористичко загрозување на уставниот поредок на една држава, како што е нашиот случај, не постојат!), именувањето (во кривично-правна смисла!) на организаторите на злосторничките здружувања (во рамките на терористичкта организација т.н. „ОНА”) како т.н. „команданти” (што е неприфатливо, бидејќи ова е пред сè воена и полициска категорија), па „одговорна команда”, „генералштаб”, „116-ти и ХХХ-ти бригади” на т.н. „ОНА” (демек, несовладлив „аскер” со се „Кина” заедно се „здале” во Македонија!) и слични (не)смислени политичко-патолошки фундирани глупости.
Тоа е накусо, елементарната феноменолошка дескрипција на позициите и државниот антитерористички ангажман на нас Бранителите, како и на криминалната позиција на терористите и од нив практикуваниот масовен етнонационалистички тероризам. Откако веќе констатиравме кои се позициите на Бранителите и терористите, но и виктимогената и виктимолошка позиција на државата и нејзините елементи кои не се олицетворение само на власта (која и кога и да е!), туку и на македонското и друго население, државната територија и суверенитетот, да се вратам на „новата политички-патолошка и безбедносно-загрозувачка парадигма” во државата.
Имено, оваа криминална позиција на „нерехабилитираните” терористи, најверојатно во комбинација со политичко-партиски и истовремено антидржавни договори, се разви во нелегитимна и национално штетна институционално-кариерна перспектива на овие терористи; на клучни и челни „државни” позиции, посебно во МВР и МО, се поставуваат „нерехабилитирани” терористи („талатовци – малатовци, куртовци и муртовци” и останати „воени парадери” [како што ги именуваат нивните соучесници (а не „соборци”!) од терористичката и т.н. „ОНА” и кои за истите велат дека како „нежни девојчиња пушка не фатиле”, но сепак соучествуле во организирањето на крвавите и кукавички терористички напади од безбедни дистанци и од водечки терористичко-хиеархиски позиции на – т.н. „команданти”!]). Но, политичката патологија во македонското општество и држава да биде уште поизразена и попогубна, кај овие терористи кои и покрај бараната и добиена милост од државата олицетворена во донесувањето на спорниот и нелегитимен т.н. Закон за амнестија (од 2002 год.) со кој се повреди и оневозможи целосното и доследно, правно и практично остварување на Уставот, отсуствува нивно покајување за сторените терористички злосторства (во крвавите случаи: „Вејце”, „Карпалак”, „Љубанци”, „Мавровски работници”, „Липковско Езеро“, „Исчезнатите цивили” „Водството на ОНА” „Танушевци”, „Рамно”, „Кодра Фура”, „Билјак”, „Арачиново”, „Брњарци”, „Лешок”, „Попова Шапка”, „Тетово”, „Теарце”, „Селце”, „Лавце”, „Гајре”, „Шипковица”, „Тетовско Кале”, „Куманово”, „Алашевци”, „Ваксинце”, „Слупчане”, „Т.Ц. Мавровка”, „Македонско-албанска граница”; како и терористичкото загрозување на македонското културно наследство: црквата „Св. Никола” [Тетовско], црквата „Св. Атанасиј” [Тетовско Кале], црквата „Св. Јован” [с. Режановце, Кумановско], црквата „Св. Атанасиј” - „Лешочкиот манастир” [с. Лешок, Тетовоско], манастирската црква „Св. Богородица” [с. Матејче] и други споменици на културата). Освен што (кај дел од терористите) отсуствува покајување за сторените терористички злосторства во кои загинаа најмалку 63., а физички повредени беа најмалку 269 Бранители, а од терористичките напади и киднапирања загинаа и над 20 цивили, а стотина беа ранети и повредени, терористите и нивните помагачи (макар дел од нив ги именувале и како т.н. „команданти”) се уште се „гордеат” на нивната крвава терористичка и друга противуставна активност. Сето тоа, веќе од поодамна, но со кулминирање во актуелниов момент, е верификувано од страна на конкретни политички елити со назначување на „нерехабилитираните” терористи на клучни и челни „државни” позиции. Имено, се случи и се случува нелегитимна, нездрава и „проширена” амнестија. Ако амнестијата (во кривично-правна смисла) значи: ослободување од гонење, запирање на кривичните постапки, потполно ослободување од издржување на казната затвор, бришење на осудата и укинување на правните последици од осудата, оваа нездрава „проширена” аманестија значи и срамно и понижувачко (за државата, Бранителите и останатите нејзини граѓани) назначување на „нерехабилитираните” терористи на клучни и челни „државни” позиции.
Истата, нездрава до болка, „проширена” амнестија значи и „апологетика и пофалба на тероризмот и другите облици на политичко насилство од позиции на албански радикализам”, која кога би отсуствувала, веројатно ќе предизвика политичко-безбедносна дестабилизација на државата, но и дестабилизација, трансформација, па дури и исчезнување на одредени „политички сојузи/коалиции”. Оваа евентуална дестабилизација на државата од позиции на албански радкализам, веројатно би била организирана во комбинација со комплементарниот српски радикализам чии носители (и нивните [псевдо]разузнавачки структури), веројатно (и можеби се уште) ги држат на „соработничко-агентурна узда” „водечките елементи” на албанската радикална кауза (доволен аргумент за наведеното би била евентуалната веродостојност на јавно објавените соработнички досиеа за „Ибар”, „Вујко”, „Мама” и „Стрелац”, но можеби и некое веродостојно соработничко досие за некој „капетан прве класе до 23. 06. 2001.”). Но, за тоа „другпат” (sapienti sat!).
Сега останува најтешкото за изложување и поднесување - што значи и кон каде води ова назначување на „нерехабилитираните” терористи на клучни и челни „државни” позиции и оваа „нова политички-патолошка и безбедносно-загрозувачка парадигма” во државата!? Имено, веројатните и погубни последици по Република Македонија, и конкретно, по нејзиниот „рбет” – нејзиниот безбедносен систем и по нејзината историска перспектива и егзистенција, од опстојувањето и одржувањето на оваа нездрава парадигма се следни:
(1) Со назначување на „нерехабилитираните” терористи на клучни и челни „државни” позиции ќе отсуствува доследна кривично-правна заштита на државата, така да сите поранешни, сегашни и идни сторители на кривични дела против која и да е општествена и уставно гарантирана вредност (сторители на ситни и тешки кражби, разбојнички кражби и разбојништва, како и на сите останати инкриминирани поведенија), легитимно можат да се повикуваат на преседанот кој се однесува на амнестирањето, вреднувањето и назначувањето на сторителите на кривични дела против државата во 2001 год. на клучни и челни „државни” позициии. Во контекст на наведеното би напоменал дека од криминалистичко-психолошки научен аспект, оправдана е констатацијата дека еден сторител на кривични дела против државата, конкретно, на тероризам и на други насилни и крвави, политички мотивирани кривични дела, не е ништо – помалку опасен од еден ситен криминалец – сторител на ситни имотни деликти (ситни кражби и сл.) со мотив да обезбеди противправна имотна корист за да ги нахрани своите деца со што ќе им го спаси животот,а истиот е стигматизиран и чесно ја одлежува пресудената казна затвор, и при тоа, по реалното рехабилитирање не е вработен! Во оваа прилика ги повикувам Бранителите да останат доследни на автохтоната/самобитната бранителска кауза, која меѓу другото, подразбира и неподржување на отстапки од процесуирање на сите можни случаи на поединечни воени (терористички) злосторства (меѓу нив и т.н. „Хашки случаи”), на тешки повреди на хуманитарното право и на сите други кривични дела поврзани со подготвувањето и изведувањето на терористичките напади со кои се загрози уставниот поредок и безбедноста на Република Македонија во 2001 година, и неподржување на отсуство на строга примена на начелата на индивидуална одговорност и вина за терористите.
(2) Со назначување на „нерехабилитираните” терористи на клучни и челни „државни” позиции, негативно ќе се влијае на одржувањето и зачувувањето на патриотскиот морал, честа, угледот и достоинството на Бранителите, кои етички елементи произлегуваат од нивното патриотски мотивирано учество и стратешки придонес во антитерористичката одбрана на државата во 2001 година.
(3) Со назначување на „нерехабилитираните” терористи на клучни и челни „државни” позиции се поништува легитимната фундираност која е нормирана врз повеќе прописи и ратификувани меѓународни договори за уредување и придржување кон нормите со кои се уредува: класификацијата на разузнавачките и другите безбедносни информации; условите, критериумите, мерките и активностите што се преземаат за нивната заштита; правата, обврските и одговорностите на создавачите и корисниците на класифицирани (разузнавачки и други безбедносни) информации; нивната меѓународна размена; како и другите прашања во врска со користењето на класифицираните (разузнавачки и други безбедносни) информации. Врз основа на оваа „ нездрава безбедносна несреќа и невоља”, ги охрабрувам сите оние поединци на кои не им се издадени, а ги исполнуваат критериуми за соодветни безбедносни сертификати, да не се разочаруваат, туку да се вклучат во правно дозволена, активна и ненасилна „борба” и постапка за остварување на своето право и обврска да поседуваат соодветен безбедносен сертификат послужувајќи се и повикувајќи се и на нелегитимно издадените безбедносни сертификати на „нерехабилитираните” терористи кои се назначени на клучни, челни и други државни позиции („талатовци-малатовци”, „Мами”, „Стрелац-и” и останатите терористи и можеби активни „сарадници” на можеби некои „комшиски обавештајни предузеќа”).
(4) Ако се има предвид константата во противуставното дејствување од позиции на албански радикализам – одредени државни функционери да формираат терористички организации (како на пример, некогашната т.н. „Паравојска”) кои делуваат врз албанско-радикална политичка платформа, тогаш веројатно е да се очекува дека со оваа практика на нелигитимно и безбедносно-загрозувачко назначување на терористи за министри, а и нивно назначување и на други високи и раководни позиции во државните органи од областа на безбедноста, ќе се доведе во прашање заштитата на опстојувањето на Република Македонија во нејзините државни граници во конкретна историска ситуација која би одела во прилог на реализирање на големонационалниот проект „Голема/Природна Албанија”, но и на можеби друг големонационален проект, како замена за (се уште) неостварените проекти за европска и евроатланска интеграција на сите држави на Балканот. Како аргумент за наведеното, во кратки црти ќе се навратам на т.н. „Штаб за национална одбрана на вооружените сили на Албанците” или низ народот познат како случајот со т.н. „Паравојска” чие формирање се одвивало во првата половина на октомври во 1991 год., а која беше успешно разбиена од страна на македонските безбедносни служби во ноември 1993 год., и кога високата позиционираност на одредени нејзини припадници во Министерството за одбрана овозможуваше терористичка злоупотреба на тајните (класифицирани) информации кои се означени со степенот на државна тајна.
Имено, во оваа терористичка организација, како т.н. „командант” на т.н. „баталјон” за Чаир на т.н. „Паравојска”, меѓу другите, беше вклучен и Хусеин Хаскај, тогаш вработен во Министерството за одбрана како референт за оперативно-наставна работа во Општинскиот штаб за територијална одбрана во опшината „Чаир”. Со противуставна дејност Хусеин Хаскај продолжи да се бави и по месец јули 1993 год., кога како член на Партијата за демократски просперитет беше поставен за помошник министер во македонското Министерството за одбрана. Овој терорист, злоупотребувајќи ја својата висока функција, собрал тајни (класифицирани) податоци за 1300 воени обврзници за т.н. „баталјон” во Чаир (инаку ги користел и податоците од нелегалниот попис што претходно беше организиран за албанското малцинство), направил прегледи со основните податоци (име и презиме, датум на раѓање, адреса на живеење, чин во Армијата на Република Македонија[АРМ]) врз основа на што биле изготвувани списоци на обврзници за терористичките формации, кои списоци преку курир биле испраќани до т.н. „Штаб” на т.н. „Паравојската” во Гостивар. Друг вид на противуставна и терористичка злоупотреба на институционална позиционираност во АРМ, а во врска со т.н. „Паравојска” била извршена кон крајот на 1992 год. кога бил изготвен т.н. „Правилник” за т.н. „Систем за национална одбрана” во кој биле опфатени само Албанци, меѓу нив и припадници на АРМ, и тоа официрскиот кадар (нека се препознаат самите ако се уште се во нашата Армија), кои до одреден момент требало да дејствуваат во илегалност, а по вооружените конфликти со македонските безбедносни сили (АРМ и МВР) би преземале иницијатива за формирање на т.н. Влада и други институции (инаку, водечка улога во изготвувањето на овој терористички документ имал Хасан Агуши кој имал завршено Воена академија во некогашна СФРЈ). Инаку Паравојската вршела и организирање и подготвување за терористичка мобилизација со цел терористичко дејствување од позиции на албански радикализам. Имено, во февруари 1992 год., Хусеин Хаскај го ажурирал т.н. „План за мобилизација”, со определување на собирните места, врски, време и крај на терористичката мобилизација, која инаку ја планирал за 9 часа. Вака планираното време на терористичката мобилизација било врз основа на достапноста на тајните (класифицирани) информации кои му ги овозможувала неговата позиционираност во македонското Министерство за одбрана, со оглед на неговата висока функција. Имено, овој терорист поседувал информација дека нашата тогашна 14-та пешадиска бригада на АРМ имала предвидено време на мобилизација од 12 до 14 часа, со што би се овозможил терористички напад и евентуално разбивање на споменатата единица на АРМ. Истиот поседувал информации и за составот, разместеноста, вооружувањето и моралот на македонските безбедносни сили (АРМ и МВР). Имено, кон крајот на 1992 год. и почетокот на 1993 год. за потребите на т.н. „Паравојска” бил формиран т.н. курирско-известителен центар. Со посебни терористички документи бил одреден илегалниот курирски пат и мртвата јавка (инаку, истата се наоѓала во чајџилницата „Беса” во Гостивар), се до крајната адреса во село Чегране, каде бил сместен т.н. „Штаб” на т.н. „Паравојска”. Во терористичкиот документ т.н. „Извештај од изворот 222” (бр. 05-93 од 29.05.1993 год.) каде под точката „Информативна анализа за непријателот” се презентирани податоци за касарната на нашата армија во Тетово со податоци и за распоредот на нашите воени формации, како и за бројната состојба и националниот состав на командниот кадар. Меѓу другото, во овој терористички документ е наведено следното: „...има еден баталјон пешадија (ЈУ-модел), командантот на баталјонот е од нашиот реон од село Доброште, Македонец. Една-две батерии на артилерија. Оваа единица дава стража на границата, Јажинце-Глобочица. Исто така, 20 војници се дислоцирани во село Старосело и се сместени во училиштето...Во нашиот реон има уште една полициска станица во село Теарце, која дава погранична патрола, вооружена е со автоматски пушки...”.
Понатаму, во овој терористички документ се даваат податоци и за полициските објекти и сили на овој реон, како и за економските објекти од поголемо значење и мерките за безбедност што во нив се преземаат, при што се дава оценка за учество на Македонците и Албанците во раководниот кадар и при тоа се констатира дека „албанските кадри се оставени надвор, на маргините”. Интересно е да се спомене дека Хусеин Хаскај, злоупотребувајќи ја својата позиција во македонското Министерство за одбрана изготвил посебен терористички материјал т.н. „Проценка на непријателот” (заведена под бр. ТО 8-3 од 30.03.1993 год.) во кој го анализирал моралот, организираноста и вооружувањето на АРМ и МВР . Инаку, Хусеин Хаскај до ”„Штабот” на т.н. „Паравојска” во Гостивар доставил и посебно барање (бр. Со 7-0 од 06.07.1993 год.), врз основа на неговата терористичка анализа за опасноста од „непријателот”, за формирање на уште еден терористички организациски елемент за село Љуботен (Скопско) со потребните т.н. воено-технички средства.
Инаку, по разбивањето на оваа кукавичка терористичка структура и прекинувањето на нејзиното противуставно делување од позиции на албански радикализам што се случи во ноември 1993 год., по седум и пол месечно судење кое завши на 27 јуни 1994 год., тогашниот Општински суд II во Скопје за сторено кривични дело „Здружување заради непријателска дејност”, ги осуди на казна затвор од пет до осум години следните десет припадници на оваа терористичка организација: Митхат Емини и Хасан Агуши на осум години, Ресми Ејупи, Селам Елмази и Реџепи Шинаси на седум, Хусеин Хаскај (овој од типот на „талатовци - малатовци”!), Акиф Демири и Абдулселим Арслан на шест и Бурим Муртезани и Еуген Цами на пет години затвор. Во понатамошниот период, Окружниот суд во Скопје, постапувајќи по жалба на осудените терористи, на 24-25 јануари 1995 год. донесе пресуда со која се потврди пресудата на Општинскиот суд II, а ја преиначи во делот што се однесува на казните, односно на сите им беа намалени за две години. Подоцна, со Решение на Претседателот на Република Македонија (август 1995 год.), Митхат Емини и Хасан Агуши се помилувани и ослободени од натамошно издржување на казната, додека другите осум лица се условно ослободени со решенија на Комисијата за условен отпуст (јуни, 1995). Од овие судски процеси може да се забележи за какви кукавици и кодоши станува збор кога различни структури (вклучувајќи ги и нив) во тоа време кукавички молеа за нивна милост од државата. Врз основа на констатацијата за ненаучената лекција од страна на одредени политички елити за противуставното делување од позиции на албански радикализам на високи дравни функционери во македонските МВР и МО за време на извршувањето на нивната државна функција, останува да повикам на правно основано непочитување на наредбите на „некогашните” терористи, а сега и понатаму овластени наредбодавачи, и на поведување на постапка за утврдување на кривична и дисциплинска постапка на сите (од поодамна, па досега!) одговорни и надлежни за предизвикувањето на оваа безбедносно резична ситуација.
(5) И конечно, бегањето, односно неисполнување на правната и моралната обврска за утврдување на фактите за сторените терористички напади и други тешки кривични дела против државата во 2001 год. со кои се извршија тешки повреди на човековите права, со што беа загрозени и националната безбедност и уставниот поредок на Република Македонија, во комбинација со назначувањето на сторители или подржувачи на тие кривични дела на челни „државни” позиции, претставува обид за формирање на трајно штетна историска лага/невистина врз основа на која (ќе) се инсталира нова општествено штетна парадигма и неверодостоен дискурс за „2001-та”. Последиците од овие искривени општествени конструкции и од (не)свесната апологетика на тероризмот, терористите и сите антидржавни постапки од позиции на албански радикализам, не претставуваат последици само од областа на загрозување на оптималното ниво на политички морал на македонската политичка сцена (како директна последица на евентуални политичко-партиски договори), туку врз овие „нови” и искривени општествени конструкции ќе се пишува „лажната историја” на македонската држава, на македонскиот народ и на останатите етнички заедници во Република Македонија, како и „лажната историја” за татковинската антитерористичка одбрана од 2001-та со што, меѓу другото, ќе се пасивизира и минимизира стратешкиот придонес на Бранителите во опстојувањето на државата, за сметка на верификувањето, а со тоа и на вреднувањето на терористичкиот ангажман на поединци и политички, квазипартиски и други субјекти во 2001 год.
Ако се земат предвид сите овие погубни последици кои (ќе) произлегуваат од опстојувањето на оваа „нова политички-патолошка и безбедносно-загрозувачка парадигма” која, меѓу другото, ја одржува и практиката на нелигитимно и безбедносно-загрозувачко назначување на терористите за министри, а и на други високи и раководни позиции во државните органи од областа на безбедноста, останува само ДА ПОВИКАМ НА МИРНИ И ПРАВНО ДОЗВОЛЕНИ ПРОТЕСТИ ПРОТИВ НАЗНАЧУВАЊЕТО НА ТЕРОРИСТИТЕ НА КЛУЧНИ И ЧЕЛНИ ДРЖАВНИ ПОЗИЦИИ ВО ДРЖАВНИТЕ ОРГАНИ ОД ОБЛАСТА НА БЕЗБЕДНОСТА. ОВИЕ ПРОТЕСТИ НЕ ТРЕБА ДА БИДАТ САМО ПАСИВНО ФИЗИЧКО ПРИСУСТВО И ДВИЖЕЊЕ НА ОДРЕДЕН ПРОСТОР, ТУКУ АКТИВНО ПОРАЧУВАЊЕ ДЕКА ВЕЌЕ ДОСТА Е, И ДЕКА СИТЕ ПРИПАДНИЦИ НА БЕЗБЕДНОСНИТЕ СИЛИ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА НЕМА ДА ПОЧИТУВААТ НАРЕДБИ НА ТЕРОРИСТИТЕ И ДЕКА ЌЕ СЕ ВКЛУЧАТ ВО АКТИВНО И ПРАВНО ДОЗВОЛЕНО ДЕИНСТАЛИРАЊЕ НА СИТЕ ТЕРОРИСТИЧКИ ЕЛЕМЕНТИ КОИ СЕ ИНСТАЛИРАНИ ВО СИСТЕМОТ НА РАКОВОДЕЊЕ И КОМАНДУВАЊЕ СО БЕЗБЕДНОСНИТЕ СИЛИ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА.
izvor:
http://maktel.mk/ajax_kolumni.php?kid=534