ProMKD
New member
На натпревари во Тетово и Сарај како да сте во Албанија
http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=E3FC8D3390387E4DAAFF97063697173FВандализмот со палењето на македонското знаме во Качаник за време на фудбалскиот меч меѓу домашната екипа Лепеница и Дрита од Гнилане вчера остро го осудија институциите на Косово. Косовското министерство за внатрешни работи отпочна истрага и по добиените информации од терен и спроведените анализи ќе следува казнување на сторителите на немилиот настан.
Но познавачи на состојбите и чести гости меѓу навивачите на спортските терени во Македонија, поточно во Тетово и скопската населба Сарај велат дека не се изненадени од овој настан, бидејќи експлозивната атмосфера со „политичко навивање“ на албански навивачки табори е веќе нормална појава која никого не го загрижува.
На фудбалските натпревари во Тетово, на кошаркарските мечеви во Сарај и на секоја друга спортска манифестација во земјава во место со мнозинство албанска популација се добива впечаток дека се наоѓате во Албанија, велат очевидци. Иконографијата на навивачите што ја носат на стадионите се националните знамиња на Албанија, се пеат албански песни и химната на Албанија, извикуваат националистички пароли како „Тетово- Шкупи- Приштина - Тирана се Шипри етнике (етничка Албанија, н.з)“. Навивачките групи од Македонија организирано присуствуваат на натпревари и ја бодрат албанската репрезентација. Најсвеж пример е во Прилеп минатата недела кога навивачката група „Балисти“ организирано допатува од Тетово и ја бодреа албанската репрезентација.
Извори кои ги познаваат навивачките групи од Македонија и Косово тврдат дека навивачите кои завчера го запалија македонското знаме во Косово многу често се присутни на натпреварите на Шкендија од Тетово и се во добри односи со навивачката група „Балисти“ од Тетово. За натпреварот во квалификациите за Лига на шампиони против Партизан во август во Скопје поради истакнување политички пароли, Шкендија беше парично казнета од УЕФА. Тогаш беа извадени косовски знамиња и транспарент со натпис „Прва држава Албанија, втора Косово, третата наскоро ќе ја имаме“.
Завчерашниот инцидент на Косово, оттука, е само резултат на експлозијата на емоции кои по правило ги канализираат низ вонемирувачки политички изјави.
Професорот од Факултетот за физичка култура, Иван Анастасовски, вели дека е добро што се извинија косовските институции за завчерашниот инцидент, но сепак, вели, не треба туку-така да се мине преку скандалот.
„Инцидентот се случи за време на фудбалски натпревар без меѓународно значење и тоа во земја која е надвор од Европската фудбалска асоцијација(УЕФА). Во него не учествуваше екипа од Македонија, па затоа во јавноста изгледа како строго наменска провокација. Затоа е потребен сериозен пристап. Да не заборавиме дека распадот на поранешна Југославија почна на фудбалски меч“, вели Анастасовски.
Транспарентот со натпис „2012 година не е крај на светот, тоа е крај на Македонија“, и јавното палење на македонското знаме завчера на спортски натпревар во Косово, вчера повлече многу реакции и извинувања.
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) побара да не се злоупотребува најважната споредна работа во светот во дневно-политички цели, политиката да биде надвор од фудбалските терени.
Македонското министерство за надворешни работи (МНР) вчера го повика амбасадорот на Косово, Скендер Дурмиши. Дурмиши влезе и излезе од спореден влез во МНР и избегна соочување со новинарите. На средбата тој доби усна протестна нота и му беше укажано дека ваквите инциденти не треба да се повторат бидејќи политиката треба да остане надвор од спортските терени.
Министерството за внатрешни работи на Косово го осуди палењето на македонското знаме за време на фудбалскиот натпревар во Качаник како и транспарентот кој вели дека 2012 е крајот на Македонија. „Некои поединци истакнаа транспарент на кој беше изразена омраза и го запалија знамето на Република Македонија“, се вели во соопштението. Министерството додаде дека е во тек истрага и ќе бидат преземени мерки за да се казнат одговорните за инцидентот.
