Eve i "Vecer" pisuva denes na ovaa tema:
ЗА ДА НЕ СЕ СООЧИ СО ПОРАЗ ВО ХАГ
Грција најавила повлекување од привремената спогодба?!
Како одговор на тужбата што ја покрена Македонија за кршење на Привремената спогодба со блокадата на интеграцијата во НАТО, во финалниот допис Грција јасно пишува: "Грција го задржува правото да ја суспендира или да и стави крај на важноста на Спогодбата во иднина"
Грција се наоѓа пред клучна дипломатска дилема и под силен внатрешен притисок. Да се повлече ли од Привремената спогодба и со тоа да ја анулира евентуалната негативна пресуда на Судот во ХАГ?
Можноста за повлекување е најавена уште во писмената документација доставена до Меѓународниот суд на правдата на 27 октомври минатата година. Како одговор на тужбата што ја покрена Македонија за кршење на Привремената спогодба со блокадата на интеграцијата во НАТО, во финалниот допис Грција јасно пишува: Грција го задржува правото да ја суспендира или да и стави крај на важноста на Спогодбата во иднина".
Дека е ова можност што грчката дипломатија сериозно ја разгледува, очигледно беше и во текот на усната расправа. Застапниците на грчката одбрана повеќепати потенцираа дека со Спогодбата Грција била изиграна и ставена во понеповолна положба поради забраната за блокада на интеграцијата на Македонија. Спогодбата беше опишувана како будалски договор што на Грција и ги врзува рацете и не овозможува баланс на силите на двете страни.
По завршувањето на усната расправа јавноста во Грција се погласно бара од Владата на Папандреу да ги разгледа дипломатските можности како одговор на евентуално загубениот спор. Познатиот аналитичар и колумнист Ставрос Лигерос за вчерашен Катимерини" пишува: Ако Грција се повлечеше од Привремената спогодба, Скопје немаше да има можност да тужи во Хаг. Зошто Грција ризикуваше политичкиот спор да се претвори во правна битка кога тоа можеше да го избегне? Со неповлекувањето од спогодбата Владата на Караманлис ја остави отворена споредната врата, а актуелната Влада на Папандреу не направи ништо за да ја затвори.". Лигерос вели дека двете влади направиле злосторство кон националните интереси со неизбегнувањето на правниот спор што може да има негативен исход за Грција.
Сега грчката дипломатија е пред сериозна одлука. Експерти за "Вечер" толкуваат дека повлекувањето на Грција од спогодбата ќе ја спаси земјата од соочување со пораз во Хаг, но ќе значи враќање на состојбите како пред 1995 година, радикализација на односите меѓу двете земји и внесување сериозна нестабилност на Балканот. Грција ќе го загуби добриот глас и углед во дипломатските кругови и ќе им зададе сериозна шлаканица на САД и на Европската унија кои стојат зад оваа спогодба. Овој потег ќе биде аргумент дека Грција не е конструктивната страна во процесот на преговори, туку иницијатор за отворање ново жариште.
Повлекувањето, велат експертите, за Македонија ќе значи и понатамошна блокада, но таквата состојба за земјава трае веќе три години. Со укинувањето на овој договор Грција повеќе нема да има право да бара од Македонија да се воздржи од користењето на имиња, факти и симболи како што е сонцето од Вергина.
Притисокот во грчката јавност за суспендирање на Привремената спогодба македонските аналитичари го толкуваат како сигнал дека Грција очекува негативен исход за нив пред Меѓународниот суд. Потврда за тоа, според експертите со кои што се советуваше Вечер", е и молкот на грчката одбрана откако биле соочени со ставовите на Евангелос Кофос и Кристос Розакис, кои во 2001 и 1996 година како да ја напишале македонската тужба во Хаг. Македонскиот тим пред Судот предочи дека двајцата во минатото потенцирале дека блокадата била моќно оружје во рацете на Грција од кое се откажала со потпишувањето на Привремената спогодба. (С.А.)
ОЦЕНКА НА ПОРАНЕШНИОТ ГРЧКИ АМБАСАДОР, АЛЕКСАНДРОС МАЉАС:
Грција се плаши од новата генерација Македонци
Грција има време и можности да покрене тужба против ФИРОМ за серија прекршувања на членови, што се основа на Привремената спогодба, смета поранешниот амбасадор на Грција во Скопје, а сега советник во Елиамеп, Александрос Маљас, во интервју за грчкиот весник Македонија". Тој ја обвинува македонската влада за иредентизам и дека не сака да има пријателски односи со соседната земја.
- Ме загрижува фактот што Грција ја претставуваат, во најдобар случај, како проблематичен и своеволен сосед, а во најлош случај, како непријател. Кога младите луѓе во ФИРОМ на училиште, во нивните студентски години, во воените академии учат дека Грција се однесува на непријателски начин, како сакате да ја променат перцепцијата и однесувањето кога тие ќе станат војници, дипломати, новинари или политичари? Нашите односи со новата генерација Славомакедонци е голем проблем. Имам храброст да кажам дека тоа е прашање и за националната безбедност на Грција, вели почесниот грчки амбасадор.
Маљас смета дека доколку пресудата од Хаг не е позитивна за грчката страна, тоа ќе влијае и во решавањето на грчко-турскте проблеми.
ВИЦЕПРЕМИЕРОТ НАУМОВСКИ
Бесмислени изјави за бесмислениот спор
Изјавите кои доаѓаат од актуелни или поранешни грчки официјални лица имаат цел некако да го одвлечат вниманието од бесмисленоста на целиот спор што го наметна Грција. Ова е оценката на вицепремиерот за евроинтеграции, Васко Наумовски, за изјавата на поранешениот грчки амабсадор Маљас.
- Бесмисленоста на овој спор наметнат од нивна страна произлегува од фактот дека нема друга држава во светот што се вика Македонија, ниту пак има некаква придавка македонска, македонски..., со којашто Република Македонија би можела да биде поистоветена. Ние како држава ниту имаме друго име, ниту пак како народ сме имале во минатото друг идентитет и едноставно бесмисленоста на спорот продолжува и понатаму со вакви и слични изјави, вели Наумовски. Тој изрази уверување дека и во Грција се поголем број политичари и граѓани ќе сфатат дека Република Македонија не е никаква опасност за Грција.
СМК
Повлекување на Атина нема важност за Хаг
Евентуалното повлекување на Грција од Привремената спогодба воопшто нема да влијае на пресудата на Меѓународниот суд во Хаг, велат од Светскиот македонски конгрес. Оттаму појаснуваат дека една од страните може да се повлече од Привремената спогодба со писмен допис, но тој би стапил во сила 12 месеци по неговото доставување до другата страна.
- Во тој случај Македонија веднаш со писмен допис ќе го извести генералниот секретар на Обединетите нации дека го продолжува членството во Обединетите нации и во сите меѓународни организации под нејзиното единствено државно име Македонија. И спорот на Атина со државното име Македонија трајно завршува, сметаат во СМК.
Дури и Меѓународниот суд во Хаг да решава во рок повеќе од 12 месеци од денот на грчкото известување до Македонија дека Атина се повлекува од Привремената спогодба, тој секако ќе пресуди дека Грција ја прекршила Привремената спогодба во времето на нејзината важност, во 2008 година на Самитот на НАТО.
http://vecer.com.mk/?ItemID=5205C33C98BEF14B8BE9A1BADAACD90D