MIA Mega Intervju so Gruevski Januari 2011.
MIA Mega Intervju so Gruevski Januari 2011.
Del 1: ПРЕМИЕРОТ ГРУЕВСКИ: 2011-ТА КЕ БИДЕ ГОДИНА НА РЕФОРМА НА АДМИНИСТРАЦИЈАТА
13.01.2011
Del 3: ПРЕМИЕРОТ ГРУЕВСКИ: ПРОДОЛЖУВАМЕ СО БЕСКОМПРОМИСНАТА БОРБА СО КРИМИНАЛОТ И КОРУПЦИЈАТА
15.01.2011
Vtor Del:
ПРЕМИЕРОТ ГРУЕВСКИ: ГОРД СУМ ШТО ЛИЧНО СТОЈАМ ЗАД ПРОЦЕСИТЕ КОИ МУ ПОМОГНАА НА ОБИЧНИОТ ЧОВЕК
14.01.2011
СДСМ знае да дрибла, ние знаеме да даваме голови. Субвенциите за земјоделие не се намалуваат, ќе се зголемуваат. Не постои проект за антиквизација. Ние добивме два позитивни Извештаи и две препораки за почеток на преговори со ЕУ. СДСМ манипулира со тутунарите.
Македонската информативна агенција (МИА) направи мега интервју со претседателот на Владата на Република Македонија. Во интервјуто, кое МИА почна да го објавува на делови од вчера, а ќе продолжи и во наредните денови, премиерот Груевски говори за очекувањата на економски и политички план во 2011 година, политичките случувања во државата, односите со ДУИ, состојбите со медиумите, одговара на обвинувањата на опозицијата, ги коментира состојбите во земјоделството, економските прогнозирања, инвестициите, проектите што ги спроведува. Груевски се осврнува и на реализацијата на проектот Скопје 2014, актуелните случаи во борбата против корупцијата, отворено говори за досегашниот и идниот тек на процесот на разговори со Република Грција.
Денеска го објавуваме вториот дел од мега интервјуто, во кое премиерот говори за состојбите во земјоделството, за наводната антиквизација, политичките заднини на протестите на тутунарите, односите со ЕУ, за темпото на евро-интеграциите, извештаите на ЕК за Македонија...)
Што очекувате на планот на зачленувањето во ЕУ и НАТО? На овој план името на земјата се исправи како главен проблем. Има ли надеж дека ова прашање во 2011-та може да се реши? Во која фаза се разговорите со Грција?
- Поставивте неколку прашања. Прво да кажам дека оваа Влада е прва и единствена влада во Македонија која успеа да ги исполни сите критериуми за членството во НАТО, и тоа уште на почетокот на 2008-та, и сите критериуми за земјата да е подготвена за почеток на финалните преговори за влез во ЕУ, уште во 2009-та. Оние кои денес не критикуваат дека не сме биле многу активни на планот за евроатланските интеграции, а тие биле, ќе ги потсетам дека тие никогаш земјата не ја донесоа на тоа ниво на напредок, сите земји членки на НАТО да објават дека земјата е подготвена за членство, и ЕК да додели две години по ред позитивен Извештај за напредокот на Република Македонија, и две години по ред да објавува препорака до европскиот совет за почеток на преговорите...
Но, СДСМ вели дека тие направиле повеќе...
- Значи, ако на пример СДСМ биле толку многу заинтересирани за НАТО и ЕУ, најмалку што можеле да направат пред 2006 година е да го постигнат ова ниво, кое ние го достигнавме. Да потсетам, Македонија беше единствената земја во 2005-та која доби статус на кандидат, но не доби преговори. Хрватска и Турција истовремено ги добија и кандидатурата и преговорите. Тоа беше затоа што од една страна тогаш земјата немаше реформи и модернизација во доволен степен, а од друга страна ЕУ сакаше да ја награди тогашната влада поради единствениот прогрес кој го имаше дотогаш, а тоа беше усвојувањето на законите од Рамковниот договор. Се друго стоеше. Реформите во економијата, образованието, земјоделството, здравството, животната средина, борбата против криминалот и корупцијата и се останато не им дадоа храброст на европските држави веднаш да и дадат на Македонија и преговори како што дадоа на Хрватска и Турција. Треба ли да потсетувам дека до 1998 година СДСМ, додека траеше транзицијата, приватизацијата, грабежот на пирамидалните штедилници и кршењето на ембаргото кон Србија, не најде за потребно да аплицира, барем да аплицира за членство во ЕУ или да побара да потпише договор за стабилизација и асоцијација. Според мое мислење, кој е за, а кој не е за, не се гледа по зборовите туку по делата, по сработеното и конечно по извештаите на ЕУ и исполнувањето на критериумите за НАТО.
Претседателот на СДСМ Црвенковски редовно Ве обвинува дека Вие сте свртени кон антиквизацијата, а тие кон НАТО...
- Ќе повторам, кој е за ЕУ и НАТО, а кој не толку се гледа по сработеното, а не по зборовите и чукањето во градите. Ние сработивме, и сработеното се валоризира, со Извештајот и препораката, тие се врвно мерило.
Сепак, заглавивте на проблемот со името, се зборува дека сте многу тврд, дека сте повеќе свртен кон антиката и минатото и дека затоа не го решавате ова прашање.
- Тоа се чисти манипулации. Човек кој е толку посветен на реформите и кој направил толку многу реформи, промени и модернизација во овие четири години во никој случај не може да е свртен повеќе кон минатото отколку кон иднината. Прашајте ги ММФ и Светската банка какви политики води Македонија во делот на економијата па да видете кој каде е свртен. Впрочем изјавите на челниците на овие институции, како и нивните извештаи кажуваат се. Погледнете ги извештаите на ЕУ и ќе видете како во сите 35 поглавја и во 2009-та и во 2010-та Македонија бележи напредок. Погледнете што се направивме со информатичкото општество, компјутер и интернет пред секој ученик, пенетрацијата на интернет од 16 отсто за четири години достигна 52 отсто, отворивме два нови универзитети, над 25 нови факултети, воведовме задолжителен англиски јазик од прво одделение до крај на средно училиште, и уште еден светски јазик од 6 одделение, воведовме информатика во училиштата, секоја година учениците почнаа да добиваат бесплатни учебници, имаме перманентна кампања за охрабрување на младите да учат повеќе, преведуваме 1000 учебници од најпрестижните универзитети, набавуваме лаборатории за сите области во вредност од околу 60 милиони евра, нудиме голем број стипендии за студирање на најпрестижните универзитети, воведуваме дури безжичен интернет низ селата во Македонија, досега над 600 села добија безжичен интернет, постојано сме на највисоки средби во Брисел и во главните градови на Европа на разговори со цел Македонија да оди напред, инвестираме во енергетика, земјата ја поврзуваме со далноводи со другите земји, намалуваме даноци и придонеси, сега имаме проект за набавка на околу 500 најмодерни електронски табли во училиштата, ....тоа не го прави Влада и Премиер кои се свртени кон минатото, туку кон иднината.
Но, СДСМ постави јавна тема проект антиквизација, тоа не може да го негирате...
- Таков проект, со такво име, не постои. Таа манипулација излезе од страна на СДСМ и нивните приврзаници. Илјадапати повторена лага станува вистина, вели народот. Целата нивна теза за антиквизација се темели на проектот Скопје 2014 и на преименувањето на аеродромот и стадионот со имиња од тој период. Најинтересно е што во т.н.проект Скопје 2014 нема ниту една зграда со ист стил од антиката, а од сите над 20 споменици кои општината Центар ги предвидела и ги спроведува, искористен е само споменикот на Александар Велики, за поткрепа на таа теза. Имено, сите други споменици се поврзани со друг период, и ако гледаме низ таа призма посоодветен е изразот словенизација отколку антиквизација. Затоа што имаме споменик на Св.Кирил и Методиј, Св.Климент и Св. Наум, а покрај Соборниот храм има и посебен споменик на Св.Климент. Владата финансира и изработка на споменик во Охрид на Св.Наум. И најголемиот дел од останатите споменици се однесува на периоди кои немаат допирна точка со антиката. Од друга страна, стиловите на зградите кои се градат се главно три и ниту еден не е антички. Тоа е современиот стил, барокот и неокласицизмот. Современ тип на згради може да се видат во новиот објект на Министерството за земјоделство, Националната библиотека, Театарот во Велес, Музејот на Тоше Проески, повеќето катни гаражи и голем број други. Неокласицизам има две, тоа се зградата на Уставниот суд и на Обвинителството. И има неколку со барок стил. Ниту еден од овие стилови на градби не е поврзан со антиката. Тоа барем беше разјаснето во долгата и темелна јавна дебата која скоро две години се води за овој проект. Дали возобнувувањето на Св.Климентовиот универзитет е поврзано со антиката, или пак спомен куќата на Мајка Тереза? Значи чиста, класична манипулација. Практично од над 1000 реформи и проекти кои ги води Владата во овие четири години во сите области, со неколку работи кои на прстите на едната рака можат да се набројат СДСМ со помош на некои новинари и медиуми блиски до нив успеа да ја наметне темата дека ние сме исклучиво свртени кон антиката и верувам дека дел од нивното членство, а можеби и некој нивни симпатизер има поверувано во оваа манипулација. Но, не е така.
Зошто мораше над 20 споменици сега, во време на економска криза?
- Прво, спомениците ги започнавме во времето на економскиот раст во 2007-та и 2008-та. Тогаш, пред воопшто кој било да знае дека светот ќе го зафати економска криза, се склучија договорите со најголемиот дел од авторите и кризата не затекна на веќе започнат проект.
Второ, Македонија во минатото за време на социјализмот, а да не говорам пред тоа, очигледно беше замислена да биде земја чија историја треба да се потисне и народот да нема развиено чувство за својата национална припадност. Не случајно во минатите две децении некои поединци од наши соседи насекаде повторуваат дека сме нова држава без историја и затоа сакаме да крадеме туѓи истории. Оттаму се надоврзуваат и константните негирања на македонскиот народ и јазик и на нашиот идентитет.
Трето, нема главен град во Европа без поголем број споменици и спомен обележја. Зошто сите смеат, а ние не?
Зошто конечно и да не смееме да поставиме споменик на некој кој одбележал цели епохи на една цивилизација, а е поврзан со овие простори?
Зошто нашиот главен град да нема своја специфика и своја туристичка атракција?
Сепак, најголемиот наш непријател во овие две години, а тоа е светската економска криза, им даде можност на нашите политички противници и неистомисленици да манипулираат со граѓаните, злоупотребувајќи ја добрата намера, преку обиди за фрустрирање на населението во времето на оваа глобална криза. Немајќи аргумент, да споредат што тие направиле, создале, изградиле, додека биле на власт, со она што ние го правиме во овие четири години, се нафрлија со напади на нас користејќи го ова како главно средство за манипулација.
Покрај ова, да не заборавиме дека ние инвестираме во сите сектори и сфери, образованието, инфраструктурата, здравството, судството, спортот, и таму инвестициите се многу поголеми од оние за кои зборувавме, и тоа е најдобар аргумент дека паралелно се грижиме за општиот развој. Културниот напредок е само дел од сеопштиот напредок на кој работиме.
Исто така, од СДСМ велат дека субвенциите во земјоделството, кои често пати ги истакнувате, на теренот не донесоа развоен ефект...
- Не се согласувам. Напротив убеден сум дека токму со тие субвенции македонските земјоделци успеаја да го одржат и надградат своето производство, од кое им зависи инвестицијата. Ние вкупната сума за субвенции, за четири години, во споредба со сумата што ја одвојуваше Владата на СДСМ за оваа намена, ја зголемивме за повеќе од 20 пати. Кога имате таква таканаречена инјекција која ја давате на земјоделството, тоа мора да има влијание на подобрувањето на статусот и подобрувањето на позицијата на земјоделецот. Покрај ова, исполнивме доста критериуми кои се бараа од нас за користење на европските средства во овој сектор, обезбедивме дополнителни средства од фондовите. Помагаме при набавка на земјоделска опрема, имаме и посебен гарантен земјоделски фонд кој може да се користи под поволни услови, за два до три пати го зголемивме бројот на органски производители на храна, и сето тоа исклучително многу им помага на земјоделците. Доколку пак ја земеме предвид традицијата на нашите земјоделци, можностите кои им биле овозможувани, информираноста и спецификацијата на трудот која недостасувала во минатото, логично е да се очекува по оваа фаза на социјално-развојна контрибуција и ефект на субвенциите, во иднина да се очекува посериозен конкретен развоен ефект на производството во научно-техничка смисла и пазарно проектирање. Ние продолжуваме покрај со субвенционирањето, и со перманетно информирање за можностите, со едукација за обезбедување поголема продуктивност во производството, за можностите за користење на фондовите на ЕУ. Посебен акцент ќе посветиме и на промоцијата на македонскиот производ и зголемувањето на можностите за извоз на земјоделски производи, како услов за добивање повисока цена за вложениот труд на земјоделецот. Во тој поглед сметам дека битна улога ќе има и формирањето на откупно-дистрибутивните центри на Агрокор кои треба да почнат да се градат.
Зошто тогаш протестираат тутунарите?
- Мене ми е жал што СДСМ крајно неетички и манипулативно ја искористуваат состојбата со моментални дисторзии на пазарот на земјоделски производи за да предизвикуваат тензии, да прават сценарија за незадоволство кое ќе го користат потоа во сопствен интерес, да уфрлаат свои членови помеѓу земјоделците за да засилуваат некој неприроден впечаток. Потоа тоа преку своите медиуми се обидуваат да го претставуваат како некоја вистина. Не е така. Земјоделците знаат која влада е нивен партнер и сојузник, која влада дава а која не дава субвенции во земјоделството. Ние даваме 60 денари по килограм откупен тутун, СДСМ даваше 0 денари, само една година дадоа 15 денари. Владата не откупува тутун, тоа е работа на пазарот, на откупувачите и производителите, но оваа Влада активно посредува и партиципира тутунарите да обезбедат реална цена на тутунот кој го произвеле. Ние можевме да не реагираме, да седиме настрана од целиот процес, но остваривме повеќе од 10 средби во една недела и со откупувачите и со тутунарите во обид да ги доближат своите ставови. Имаше поплаки дека откупувачите не го проценувале адекватно тутунот, и ние веднаш испративме инспекциски контроли, и не само тоа го триплиравме бројот на инспектори кои се на пунктовите. Тоа е правилен пристап. А што прави СДСМ? Само создава проблеми, тие работат на зголемување на јазот, од една страна преку своите структури ги поттикнуваат тутунарите да не одат на пунктовите за откуп, да попречуваат патишта, железнички, а преку други структури вршат притисок врз откупувачите да не ги отвораат пунктовите и да не вршат правилна проценка на тутунот. Исто е како со лозарите, не знам дали тоа го пишува во стратегијата Надеж, ама е прочитано сценарио, и земјоделците тоа го знаат. Потенцирам - СДСМ класично ги злоупотребува тутунарите, но тоа нема да не поколеба двојно повеќе да работиме за да им овозможиме правилна валоризација на трудот на земјоделецот и услови за развој. Нема да дозволиме кариерата на Бранко Црвенковски да е побитна од судбината на десетици илјади земјоделски семејства. Ако потклекнеме тука, сме погрешиле. Ако истраеме, сме ја направиле правилната работа.
Дали е можно да ги намалите субвенциите за земјоделството?
- Не, нема да ги намалиме субвенциите. Оваа година ќе дадеме 115 милиони евра, следната ќе дадеме уште повеќе.
СДСМ ве обвини дека идејата за бесплатни учебници била на Бранко Црвенковски, па вие сте им ја украле
- Бранко Црвенковски во повеќе наврати од 1998 наваму го ветуваше овој проект на граѓаните и никогаш не го оствари. Ние не го ветивме ниту во кампањата ниту во програмата. А го остваривме. Тоа е разликата меѓу нас. Од еден таков агол гледано, честопати остварувам проекти кои не сум ги ветил, а од друга страна ги ветил СДСМ, а не ги остварил. Ако тоа е крадење идеи, тогаш дај Боже во иднина да има што повеќе политичари кои на таков начин ќе крадат идеи, со тоа што иако тоа не го ветиле пред избори, на граѓаните ќе им остваруваат проекти кои се корисни и кои некој друг ги ветувал, а не ги исполнувал.
И Законот за енергетска сиромаштија велат дека бил идеја на СДСМ?
- Што да ви кажам. Луѓето само ветуваат, а не остваруваат. СДСМ 13 години беше на власт. Кој им бранеше да го спроведат овој проект? Никој. Само зборуваат, ништо не создаваат. Ние, кога се укажа можност, без многу врева го реализиравме. Задоволен сум што успеавме да им помогнеме на над 50 илјади семејства приматели на социјална помош, да добијат дополнителни пари секој месец за секоја платена сметка за енергија. Ние создаваме можности и реализираме. Со спортски жаргон кажано, СДСМ знае да дрибла, ние знаеме да даваме голови. Публиката сака победа, сака голови. Народот сака дела, решенија, остварување, а не голи, односно празни ветувања.
Велите дека се грижите за интересот на граѓаните, ама нема да го продолжите рокот на важење за мерката 1 евро за квадрат на дворните места, зошто е тоа така?
- Владата не планира продолжување од причина што засега добро оди работата со поднесување барања за откуп на дворните места. Законот предвидува дека во рокот до 26 јануари потребно и доволно е да се поднесе барањето, а не да се добие одговорот. Откако ќе заврши овој рок, за еден до два месеци ќе извршиме целосна анализа на состојбата и ќе процениме дали треба ново продолжување или не. Засега имаме одлична динамика. Имајќи предвид дека нашиот менталитет е таков што во последен момент се решаваат многу работи, има добри шанси без продолжување да се постигне целта.
Задоволен сум што граѓаните добија единствена можност да ги приватизираат дворовите по симболична цена и тоа токму оние граѓани кои претходно не успеаа да го направат тоа бидејќи немаа финансиска можност.
Овој проект заедно со проектот за денационализацијата, со проектот за враќање на старите заробени девизи кои граѓаните цели десет години чекаа да дојде некој да им ги реши, и заедно со најновиот проект за легализација на дивоградбите, навистина е придонес кон заокружувањето на категоријата сопственост во Македонија. Имајќи ја предвид приватизацијата во која на мал број луѓе блиски до тогашната власт на СДСМ им се овозможи на законски начин, со специјално направени за таа цел закони, да дојдат со симболични суми до капитал вреден над 5 милијарди евра, по сето тоа, ова е барем делумно исправање на неправдата. Оние кои извисија во приватизацијата, и уште беа избркани на улица како технолошки вишок или стечајци, барем да можат да си ги купат дворовите и да си ги легализираат куќите кои најголем дел од нив ги изградиле на таков начин од немај каде. Иако задоцнето, затоа што требаше да се заврши пред да започне приватизацијата, и денационализацијата до некаде е исправање на една голема неправда поврзана со сопственоста. Старите заробени девизи беа една голема пљачка, која ако не дојдеше ВМРО- ДПМНЕ, исто како и за денационализацијата, сега ќе беше заборавена работа. Горд сум што стојам лично зад решавањето на сите овие процеси.